Кучешко попладне
„Кучешко попладне“ (англиски: Dog day afternoon) – филм на режисерот Сидни Лумет (Sidney Lumet) од 1975 година. Автор на сценариото е Френк Пирсон (Frank Pierson), кој за него ја освоил наградата „Оскар“. Покрај тоа, филмот имал уште пет номинации за „Оскар“, и тоа во следниве категории: најдобар филм, главна машка улога (Пачино), споредна машка улога (Сарандон), режија (Лумет) и монтажа (Деде Ален). Главните улоги ги играат: Ал Пачино (Al Pacino), Џон Казале (John Cazale), Крис Сарандон (Chris Sarandon) и Чарлс Дурнинг (Charles Durning). Филмот е снимен по вистинит случај од 1972 година.[1]
Синопсис
уредиСони Ворцик (го игра Ал Пачино) и неговиот другар Сал (го игра Казале) влегуваат во мала банка во Бруклин со намера да ја ограбат. Меѓутоа, во банката има малку пари, а освен тоа, полицијата набргу ја опколува банката, па тие не можат да избегаат. Сони сфаќа дека единствениот начин да се спаси од долга затворска казна е да ги држи вработените како заложници. Во преговорите со полицијата, тој бара да му ја донесат сопругата и тогаш се дознава дека тој е хомосексуалец, оженет со Леон (го игра Сарандон), иако истовремено има жена со две деца. Всушност, мотивот за грабежот на банката е желбата на Сони да собере пари за операција за промена на полот на Леон. Меѓутоа, во разговорот со Леон се открива дека веќе подолго време нивните односи биле влошени, а исто така, Сони бил во судир и со сопругата. Најпосле, полицијата му ветува на Сони дека ќе му обезбеди авион за да заминат во странство, но кога доаѓаат на аеродромот, полицијата го убива Сал и го апси Сони.