Кратовско евангелие

Кратовско евангелие (или Кратовско четвороевангелие) — македонски средновековен ракопис од средината на XIV век од кои се зачувани 151 лист и се чуваат во Националната библиотека во Скопје.

Приказ на ракописот

Рецензијата е очигледно македонска од Кратовската школа. Се употребуваат двете носовки, главно правилно, често без типична замена на мало ѧ со голема носовка Ѫ после Ж, ЖД, Ш и ШТ, што би упатувало на многу стар оригинал. Обична е замената на малата носовка ѧ со големата Ѫ на јотувано место типично за Охридската школа, кон која би можел да припаѓа првобитниот оригинал. Има само мал ер ь. Нема траги од Ефтимиевата реформа. Од орнаментиката зачувани се две знаменца на почетокот на Марковото евангелие на листот бр. 39 и на почетокот од Евангелието од Лука на листот бр. 69.

Ракописот е пишуван по 24 реда на почетните листови, во продолжение главно по 27 реда. На првите 2 листа красен калиграфски устав од средината на XIV век, понатаму поедноставен устав со полууставни елементи од три раце. Понекогаш се јавува А со долго стебло, Ж од три потези, заглавни букви од заоблен тип, како што е на В со валчести петелки, што е типично за средината на XIV век. Во интерпункцијата се јавува запирка. Има знаци за акценти, но се јавуваат во ракописот пишуван од едниот пишувач. Инаку има спиритуси над почетниот вокал, понекогаш и кендемата на долгите слогови.

Овој ракопис бил купен од страна на Националната и универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“ во скопје во 1968 година.