Кратка продажба
Кратка или куса продажба (англиски: Short selling) — финансиска трансакција во која се продава некој финансиски инструмент кој продавачот воопшто не го поседува.
Опис
уредиДа претпоставиме дека некој инвеститор сака да продаде 500 акции кои тој не ги поседува. Во тој случај, инвеститорот се обраќа до својот брокер со налог за кратка продажба. Брокерот ги позајмува акциите од некој друг клиент и потоа ги продава во име на инвеститорот. Во тие околности се вели дека инвеститорот зазема кратка позиција бидејќи тој е „краток“, односно ги нема акциите, туку продал туѓи акции. Притоа, тој може да ја одржува кратката позиција сè додека постојат други клиенти од кои брокерот може да ги позајми акциите. Меѓутоа, порано или подоцна, инвеститорот мора да ја затвори кратката позиција така што ќе мора да купи 500 акции кои брокерот му ги враќа на клиентот од кого ги позајмил акциите. Кратката продажба му носи добивка на инвеститорот ако во меѓувреме падне цената на акциите, односно ако тој ги продал акциите по повисока цена, а подоцна ги купил на пазарот по пониска цена. Во спротивен случај, ако во меѓувреме порасне цената на акцијата, инвеститорот ќе мора да ги купи акциите по повисока цена (за да ја затвори кратката позиција) и тогаш ќе оствари загуба. Исто така, ако во меѓувреме брокерот остане без можност да ги позајми продадените акции, тогаш инвеститорот мора веднаш да ја затвори кратката позиција, независно дали ќе оствари добивка или загуба. Во САД, регулаторните тела дозволуваат кратка продажба само ако последната промена на цената на акцијата пред кратката продажба е промена нагоре, т.е. пораст на цената. Во секој случај, бидејќи кратката продажба е ризична, брокерите бараат од инвеститорите да положат голем депозит при што некои брокери им плаќаат камата на инвеститорите, кои можат да достават и државни записи или други хартии од вредност како депозит. Во продолжение, инвеститорот која извршува кратка продажба мора да му ја исплати на брокерот дивидендата или каматата што ја носи продадената хартија од вредност, а потоа брокерот му ја префрла дивидендата (каматата) на клиентот од кој се позајмени хартиите од вредност. На пример, ако инвеститорот продаде 500 акции во мај по цена од 50 долари, а позицијата ја затвори во јуни така што купува 500 акции по цена од 30 долари, а во мај била исплатена дивиденда во износ од еден долар по акција, тогаш кратката продажба ги предизвикува следниве парични текови: инвеститорот прима 25 000 долари (500 акции х 50 долари) во април, плаќа 500 долари во мај (500 акции х 1 долар) и плаќа 15 000 долари (500 акции х 30) во јуни. Оттука, инвеститорот заработува 9 5000 долари од кратката продажба.[1]
Наводи
уреди- ↑ John C. Hull, Introduction to Futures and Options Markets (third edition). London: Prentice-Hall International, 1998, стр. 49-50.