Корен
Коренот (или кореновиот систем) е подземниот дел од растението.
Функции на коренот
уредиКоренот има неколку значајни функции:
- Механичка потпора на растението (го држи прикрепено за почвата и при силни ветрови)
- Апсорпција на вода
- Апсорпција на минерални соли, потребни за процесот фотосинтеза.
- Складирање на резервни материи, пред сè јаглехидрати како скроб или инулин (полисахарид)
- Синтеза на соединенија
- Улога во вегетативното размножување
- Остварува симбиотичка врска со почвени микроорганизми
Еволуција и морфологија
уредиВо текот на еволуцијата на растенијата коренот се јавуава како еден од последните органи и истиот е својствен за папрати и семени растенија. Кај попросто градените растенија тој отсуствува, а неговата функција ја вршат издолжени клетки наречени ризоиди. Создавањето на коренот почнува од зачеток таканаречен зародишен или ембрионален корен што се наоѓа во семето. Ембрионалниот корен прво ја пробива семената обвивка и навлегува во почвата каде расте позитивно геотропно и се развива. Ретки се оние случаи каде коренот расте над земјата. Откако ќе се развие, ембрионалниот корен се преобразува во главен корен. Всушност, главниот корен излегува како продолжение на стеблото. Местото каде стеблото преминува во корен се вика коренов врат. Според морфологијата, коренот може да биде осен (вретенест) и жилест (брадест). Должината на главниот корен кај некои пустински растенија (на пример, камилскиот трн) достигнува 30 метри. Во случај на осен коренов систем, главниот корен јасно се разликува од останатите странични корење кои можат да бидат од прв, втор ред итн., а тие заедно го формираат кореновиот мрежест систем. За разлика од осниот коренов систем, жилестиот коренов систем нема главен корен, главниот корен не обраснува или пак изумира за време на поединечниот развиток. Жилестиот коренов систем се образува од дополнителни (адвентивни) корење, кои всушност водат потекло од останатите вегетативни органи, стебло или лист. Типичен жилест коренов систем имаат тревестите монокотиледони растенија, односно житата.
На надолжен пресек на коренот се разликуваат три зони:
- зона на кореново творно ткиво (меристем) – зона на делење, која се состои од трите вида врвен коренов меристем (дерматоген, периблем и плером), со чијашто активност се создава примарната градба на коренот
- зона на растење – оваа зона се надоврзува на зоната на делење, тука клетките ги зголемуваат своите димензии
- зона на диференцирање – во оваа зона со диференцирање клетките преминуваат во трајни ткива. Оваа зона е исто така позната како зона на коренови влакна, бидејќи однадвор по површината на коренот може да се забележат мали таканаречени коренови влакненца, со чија помош коренот ја впива водата и растворените во неа минерални материи.
Анатомска градба на коренот
уредиКај коренот се забележува примарна и секундарна градба.
Примарна градба на коренот
уредиГрадбата на коренот е пред сè условена од основната улога кој тој ја врши во растението, апсорпција на вода и минерални материи. Ако се направи напречен пресек во зоната на диференцирање (зоната на коренови влакненца) на примарно изградениот корен, ќе можеме да констатираме дека ткивата се делат на надворешни и внатрешни.
Надворешни се ризодермис и ткивата на примарната кора. Ризодермисот е покривно ткиво, кое врши пред сè заштитна функција и се создава како резултат на активноста на дерматогенот. Под ризодермисот се наоѓаат ткива на примарна кора кои потекнуваат од основното творно ткиво периблем. Првиот слој на примарна кора се вика егзодермис кој е изграден од еден или неколку редови густо збиени клетки без меѓуклеточни простори. Егзодермисот се создава како заштитно ткиво кое по изумирањето на ризодермисот врши заштитна функција. Масата на примарната кора ја дава паренхимското ткиво наречено паренхим на примарната кора и се наоѓа под егзодермисот. Ова ткиво има големи меѓуклеточни простори и најчесто врши функција за складирање на материи, претставува резервен паренхим. Кај водните растенија паренхимот на примарната кора е всушност аеренхим, односно воздухоносен паренхим. Последното ткиво на примарната кора на коренот претставува ендодермисот. Клетките на ендодермисот се цврсто поврзани меѓу себе, карактеристични по своето специфично задебелување наречено каспариев појас. Овие клетки се групирани во еден ред.
Под ендодермисот се наоѓаат ткивата на централниот цилиндар којшто се образуваат од плеромот на врвниот коренов меристем. Централниот цилиндар е составен од перицикл и паренхимско ткиво. Перициклот претставува примарно странично меристемско ткиво, кое има значајна улога во формирањето на страничните корење, но и во создавањето на секундарните меристемски ткива камбиум и фелоген. Под перициклот се наоѓа паренхимско ткиво, во кое се поставени спроводните снопчиња радијално подредени. Кај монокотилетодоните растенија во срцевината на централниот цилиндар, односно во средината се наоѓа паренхимско ткиво.
Секундарна градба на коренот
уредиКај повеќето дикотиледони и голосемените растенија настануваат промени кои доведуваат до секундарна градба на коренот. Таа се остварува со активност на секундарните творни ткива - камбиум и фелоген.
Камбиум се создава со секундарното меристематизирање на паренхимските клетки, кои се слабо диференцирани, под флоемот, и клетките на перицклот кои се наоѓаат непосредно над ксилемот. На тој начин се создаваат две посебни камбијални низи со чиешто спојување се довива еден камбијален престен. Овој прстен на почетокот има типичен ѕвездест облик. Со активноста на камбиумот престенот постепено периферно се шири, така што во својот краен облик тој има кружна форма. Подоцна со надолжна делба на камбијалните клетки се добива секундарен флоем од надворешната страна, кој учествува во градбата на секундарната кора на коренот заедно со паренхимско ткиво и механичко ткиво, и секундарен ксилем од внатрешната страна кој учествува во градбата на секундарната дрвесина заедно со склеренхимски влакна и паренхимско ткиво. На овој начин ткивата на централниот цилиндар потполно го менуваат својот облик.
Фелоген е секундарно меристемско ткиво кое се добива со активноста на ткивата под ендодермисот и перициклот. Со делба на клетките во фелогенот се создава перидермисот, секундарно покривно ткиво, кое воедно се состои од феридермис и фелем. Имено феридермисот, исто така познат како коркова кожичка, е внатрешно поставен во однос на фелогенот, додека пак, фелемот познат како корково ткиво, е надворешно поставен во однос на фелогенот. Благодарение на фелемот, односно неговите клетки со задебелени, лигнифицирани клеточни ѕидови, кои се цврсто поврзани меѓу себе, ткивата на примарната кора умртвуваат и опаѓаат.
Коренот како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Повлечи ги корењата“ (Pull Up The Roots) - песна на американската рок-група „Токинг хедс“ (Talking Heads) од 1983 година.[1]