Кончерто гросо (итал. concerto grosso, „голем концерт“) е форма на барокна музика во која музичкиот материјал се предава помеѓу мала група на солисти (кончертино) и полн оркестар (рипиено).

Оваа форма се развила во доцниот XVII век, иако под друг назив. Алесандро Страдела бил композиторот на првото музичко дело каде две групи од различна големина се коминираат на карактеристичен начин. Првиот поважен композитор кој го користел поимот кончерто гросо бил Арканџело Корели. По смртта на Корели била издадена збирка од дванаесет кончерти гроси; наскоро потоа, композитори како Франческо Џеминијани и Џузепе Торели искомпонирале кончерти во стилот на Корели. Тој извршил и силно влијание врз Антонио Вивалди.

Постојат две различни форми на кончерто гросо: кончерто да киеза (црковен концерт) и кончерто да камера (камерен концерт). (Видете и Соната каде се расправа за соната да камера и да киеза.) Во кончерто да киеза наизменично свират бавни и брзи ставови; кончерто да камера пак, има карактер на свита, со тоа што се отвора со прелудиум и содржи форми на популарни танци. Низ времето овие форми престанале да се разликуваат.

Корелиевата кончертино група секогаш се состоела од две виолини и виолончело, со гудачки дел како рипиено група. Обете ги придружувал генералбас со извесни комбинации на чембало, органа, лејта и теорба. Хендл искомпонирал неколку збирки на кончерти гроси, а и неколку од т.н. Бранденбуршки концерти на Бах исто така послободно ја следат формата кончерто гросо.

Кончерто гросо била истисната од формите соло кончерто и синфонија кончертанте во доцниот XVIII век, и нови примероци од таа форма не се јавиле во наредните сто години. XX век забележува употреба на кончерто гросо од композитори како Ернест Блох, Бохуслав Мартину, Алфред Шнитке и Филип Глас. Додека Едвард Елгар можеби не се смета за современ композитор, неговиот романтичен Вовед и алегро има големи сличности со инструментацијата поставена за кончерто гросо.

Наводи

уреди

Bennett, R. (1995). Investigating Musical Styles. Cambridge: Cambridge University Press.


Поврзано

уреди