Судии (библиска книга)

книга од Библијата
(Пренасочено од Книга за судиите)

„Судии Израилеви“ или Судии — книга од Стариот завет, која спаѓа во групата историски книги.

Содржина

уреди

По смртта на Исус Навин, браќата Јуда и Симеон започнуваат војна против Хананајеците, ги поразуваат и ја освојуваат нивната земја. Потоа, и другите еврејски племиња војуваат против Хананејците, но не ги убиваат, туку тие постануваат нивни поданици и им плаќаат данок. Следните поколенија по смртта на Исус го прекршуваат заветот на нивните предци и почнуваат да им служат на Ваал и на други богови. Затоа, Господ се разгневува и Евреите се поробени од околните народи. Така, Евреите трпат големи маки, а Господ им одредува судии за да го бранат народот од страдањата. По осумгодишно ропство, потомците на Израилот се ослободуваат и 40 години живеат во мир, но повторно народот прави зло поради што Господ ги казнува со ново ропство во траење од 18 години. Потоа, Евреите се ослободуваат и живеат во мир 80 години.[1]

Поради непочитувањето на божјите заповеди, потомците на Израилот повторно се поробени. Тогаш, Господ праѓа ангел кај Гедеон, кој го разурнува жртвеникот посветен на Ваал и собира многуброен народ за да ги поведе во војна. Меѓутоа, Господ му кажува да избере само 300 луѓе и со нив Гидеон ги победува непријателите и ги убива двајцата нивни цареви, а потоа ги убива своите сонародници кои одбиле да му дадат храна во текот на војувањето. Гедеон остарува и умира, а неговиот народ повторно почнува да им служи на други богови.[2]

Авимелех, вонбрачниот син на Гедеон, ги убива своите 70 полубраќа и станува владетел на земјата. Успева да се спаси само најмалиот син Јотам, кој ги проколнува сонародниците поради поддршката дадена на Авимелех. Потоа, Господ праќа лош дух меѓу народот, кој се бунтува против Авимелех и така почнува војна во која тој убива многу луѓе, но најпосле, народот го убива него. Подоцна, потомците на Израилот повторно се поробени затоа што го прекршуваат заветот даден на Бога. По некое време, луѓето го избираат скитникот Ефтај (инаку, вонбрачно дете) за свој кнез, кој со божја помош успева да ги победи непријателите. Пред борбата, тој се заветува дека сè што ќе види пред себе ќе му го посвети на Бога. По победата, него го пречекува ќерка му и тој е принуден да ја даде како жртва на Бога. Ефтај е судија Израилев во текот на шест години, а по неговата смрт се изменуваат други судии.[3]

Бидејќи Израилевите потомци повторно се оддалечуваат од својот бог, тие се поробени од Филистејците во текот на 40 години. На една жена, која веќе долго време е неплодна, ѝ се јавува ангел божји за да ѝ каже дека наскоро ќе роди син кој ќе ги ослободи Израилевите потомци од филистејското ропство. Навистина, таа го раѓа синот Самсон, кој е благословен од Бога. Кога станува возрасен, Сансон се вљубува во една девојка. Одејќи во нејзиниот дома со намера да ја побара за жена, тој убива едне лав, а од лавот излегува мед. За време на свршувачката, Самсон им поставува гатанка на гостите, а тие никако не можат да го погодат одговорот. Самсон ѝ го кажува решението на неговата свршеница, а таа пак им го кажува на гостите. Меѓутоа, свршеницата набргу се премажува за негов пријател и, во знак на одмазда, Самсон убива многу луѓе и им ги пали лозјата, полињата и градините. Со божја помош, Самсон служи како судија на Израилот во текот на 20 години, но се вљубува во Далида која ја врбуваат Филистејците да им ја открие тајната на Самсоновата голема сила. На нејзиното упорно навалување, Самсон трипати ја лаже, но најпосле попушта и ѝ ја кажува тајната. Тогаш, таа му отсекува неколку перчиња од косата и Самсон ја губи силата по што Филистејците го фаќаат, го ослепуваат и го затвораат. Меѓутоа, како што минува времето, на Самсон пак му расте косата, а со тоа му се враќа силата и за време на една филистејска прослава тој ги урива столбовите на куќата во која се одржува прославата. Притоа, тој убива многу Филистејци, но и тој гине во урнатиинте.[4]

Во времето кога потомците на Израилот немаат цар, еден млад човек со име Миха краде голем износ пари од мајка си, но потоа ѝ ги враќа. Мајка му прави статуа на бога и така Миха прави светилиште во својот дом, па дури вработува и еден свештеник. По некое време, кога Дановите потомци одат да го освојат градот Лаис, тие поминуваат крај домот на Миха и ги земаат статуата и свештеникот со себе. Еден левит, пак, зема жена од Витлеем, но по некое време, таа се враќа кај татко си. Левитот оди во нејзиниот дом и ја зема со себе. Кога пристигаат во градот Гаваон, во кој живее Венијаминовото племе, еден старец ги прима да преноќат дома, но граѓаните ја опколувата куќата, а потоа ја силуваат и ја убиваат жената. Левитот се враќа дома, ја сече мртвата жена на 12 делови и нив им ги испраќа на Израилевите племиња. Тогаш се собираат старешините на сите племиња и од жителите на Гаваон бараат да им ги предадат злосторниците. Кога тие одбиваат, здружените племиња го напаѓаат племето на Венијамин и го уништуваат, убивајќи ги сите жители, а успеваат да се спасат само 400 луѓе. По некое време, другите племиња му простуваат на Венијаминовото племе и на преживеаните луѓе им даваат 400 девојки. На тој начин, племето на Венијамин повторно се обновува.[5]

Наводи

уреди
  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 269-275.
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 275-279.
  3. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 279-284.
  4. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 284-289.
  5. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 289-295..