Кебнекајсе

највисока планина во Шведска

Кебнекајсе (шведски: Kebnekaise, од лапонски Giebmegáisi или Giebnegáisi, „Котлов Гребен“) — највисоката планина во Шведска. Масивот е дел од Скандинавските Планини и има два врва. Заледениот јужен врв бил највисок со надморска височина од 2.120 м, но во изминатите 50 години се има снижено за 24 метри,[3] поради што северниот безледен врв со 2.096,8 м денес е највисок. Кебнекајсе се наоѓа во областа Шведска Лапонија, на 150 км северно од Северниот Поларник и западно од градот Кируна кај планинарската патека Кунгследен помеѓу Абиску и Хемаван.

Кебнекајсе
Kebnekaise / Giebmegáisi
Источните падини на Кебнекајсе од долината Тарфала
Највисока точка
Надм. вис.2.096 м [1]
Истакнатост1.738 м [2]
Координати67°54′16″N 18°31′42″E / 67.90444° СГШ; 18.52833° ИГД / 67.90444; 18.52833
Друго имеKebnekaise / Giebmegáisi
Географија
Кебнекајсе на карта

Карта

МестоШведска
Матичен венецСкандинавски Планини
Искачување
Прво освојување22 август 1883 г. Шарл Рабо
Најлесен патодење по карпи/мраз
Карта

Географија

уреди

Масивот се наоѓа во состав на венецот Скандинавски Планини, ограничен од валовите Ладшоваге (лапонски Лаѓуваги), Шекшаваге (Чеакчаваги) и Виставаге (Виставаги). Највисоките точки се долж сртот Вагририген кој се протега од јужните и северните врвови до врвот Кебнепакте (Гиебмебакти) на висина од 1.990 м. Други пониски врвови се Кебнешока (Гиебмечохка), Виеранвари, Толпагорни (1.662 м), Гуобирцохка (1.506 м) и Сингибакти (1.614 м).

Од двете највисоки точки, јужниот врв се наоѓа на ледник врз каменлива висорамнина. Во последно време ледникот е смален, а со тоа и врвот. Порано бил висок 2.111 м, а пред тоа и 2.117 м. Денес северниот врв е повисок, и тој нема мраз, поради што е највисоката непроменлива точка во Шведска.[4][5] Меѓутоа, во јули 2015 г. истражувачката станица „Тарфала“ утврдила дека ледникот нараснал за 4,5 м (до висина од 2.102 м) во однос на најниско измерените 2.097,5 м претходната година.[6]

Масивот има разни големи ледници. Најзначајни се Кебнепактскиот, Исфалскиот и Големиот Ледник кон долината Тарфала на исток, Бјерлиншкиот Ледник на југоисток и Работскиот на запад, како и неколку помали раштркани наоколу.

Низ целиот масив е присутен вечен мраз. Матичната карпа е издупчена 100 м во долината Тарфала на подножјето на Кебнекајсе. Дупнатината над истражувачката станица „Тарфала“ на 1.540 м.н.в. покажува целогодишна стабилна температура од −2,75 °C на длабочина од 100 м, што, според геотермалниот градиент, покажува дека мразот е дебел 330 метри. Затоа може да се заклучи дека самата планина мора да има вечен мраз дебел неколку стотици метри.[7]

Во Европа не постојат повисоки планини посеверно од Кебнекајсе. Кога времето е ведро зиме, од врвот се гледаат огромни пространства — според некои извори дури 9 % од територијата на Шведска.[8]

Поврзано

уреди

Панорама

уреди
Панорамски поглед од врвот на Кебнекајсе во јуни 2007 г.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Tarfala Research Station. „Kebnekaise Southern Summit Elevation“. hdl:11676.1/2jVbFrAZisV44hwgrbSLzY6Z.
  2. „Mountains I have climbed and remember“. uib.no.
  3. Tarfala Research Station. „Kebnekaise Southern Summit Elevation“. hdl:11676.1/2jVbFrAZisV44hwgrbSLzY6Z.
  4. Malin Olofsson, "Toppskifte på Kebnekaise" Архивирано на 30 септември 2007 г., Sveriges Radio, 15 јуни 2007, посет. 27 март 2012 г
  5. Kebnekaises sydtopp – högst i Sverige? Архивирано на 28 септември 2007., fjallklubben.org
  6. Emil Östlund, "Sydtoppen växer på Kebnekaise", Sveriges Radio, 23 јули 2015, посет. 27 октомври 2015 г
  7. King, Lorenz (1986). „Zonation and ecology of high mountain permafrost in Scandinavia“. Geografiska Annaler (англиски). 68A (3): 131–139. doi:10.1080/04353676.1986.11880166.
  8. „Reportage“. swedenoffroad.com. Архивирано од изворникот на 19 април 2015. Посетено на 16 август 2013.
  9. „Toppstugorna > Boende > Kebnekaise“. kebnekaise.nu. Архивирано од изворникот на 14 август 2012.

Надворешни врски

уреди