Ивет (француски: Yvette) — новела на францускиот писател Ги де Мопасан од 1884 година.

Постанокот на новелата

уреди

Новелата „Ивет“ најпрвин била објавена во весникот „Фигаро“ кон крајот на летото 1884 година, а потоа, идната година била објавена како дел од истоимената збирка раскази, во издание на Havard, главниот издавач на делата на Мопасан. Од писмата што Мопасан му ги испратил на својот издавач се знае дека авторот започнал да ја пишува новелата на почетокот на годината и дека на почетокот бил многу задоволен од неа и планирал да ја издаде како посебна книга. Сепак, се откажал од намерата за да не ѝ даде преголемо значење, сметајќи ја само за духовита искра и анегдота, а не студија. всушност, самиот ја оценил новелата со следниве зборови: „Тоа е вешто, но не е силно...“ (C'est adroit, mais ce n'est pas fort...). Со ова дело, Мопасан сакал да докаже дека може да се натпреварува со Feuillet и со другите салонски писатели од тоа време и затоа свесно го имитирал нивниот елегантен стил. Новелата настанала како одраз на влегувањето на Мопасан во високите кругови на општеството во кои тешко се снаоѓал. Мопасан, кој бил суетен и многу чувствителен, сакал да се афирмира во монденските кругови и да ги восхити, но се чувствувал несигурен.[1]

Содржина

уреди

Жан де Сервињи (Jean de Servigny) е богат човек од Париз, кој времето го троши на забава. Една ноќ, тој го води својот пријател Леон Савал (Leon Saval) во домот на маркизата Обарди, која во својата куќа организира масовни забави на кои се танцува, се игра комар и се флертува. Всушност, маркизата е богата куртизана која често ги менува љубовниците. Маркизата Обарди веднаш се вљубува во високиот и убав Леон, додека Жан е еден од бројните додворувачи на убавата Ивет, ќерката на маркизата. За време на забавата, маркизата ги кани двајцата пријатели да ја посетат на нејзиниот имот во близината на Париз. За време на посетата, маркизата ужива во друштвото на Леон, а Жан отворено ѝ ја изјавува својата љубов на Ивет. Кога Ивет ѝ го соопштува тоа на мајка си, таа станува загрижена за иднината на својата ќерка, знаејќи дека Жан нема намера да се ожени со неа, туку само сака да се забавува. Збунета и разочарана од разговорите со Жан и со мајка си, Ивет се повлекува во себе, а потоа влегува во кавга со мајка си, наговарајќи ја да го напушти животот на куртизана и да се повлечат во некое далечно место. Бидејќи мајка ѝ нема слух за таквите планови, таа одлучува да умре и за таа цел набавува хлороформ. Кога следниот пат доаѓаат познаниците на нејзината мајка, Ивет ги води своите додворувачи на локалниот панаѓур, терајќи ги да изведуваат разни глупости, а потоа се повлекува во својата соба и го вдишува хлороформот. Сепак, таа не умира, туку само паѓа во длабок сон, по што Жан ја спасува. Кога се освестува, Ивет паѓа во прегратката на Жан, кој ѝ ветува дека вечно ќе ја сака.[2]

Осврт кон делото

уреди

Во „Ивет“ Мопасан дал објективна општествена критика, но делото содржи и субјективна чувствителност; новелата е сатирична, но и сентиментална. Сепак, не може да се каже дека авторот ја идеализирал главната личност, девојката Ивет, а сликањето на амбиентот во кој таа се наоѓа го покажува реализмот на Мопасан. Сепак, општествената критика не е директна, зашто Мопасан речиси никогаш не оптужува, туку само изнесува факти кои оптужуваат. Душевните конфликти на ликовите во новелата се опишани прилично опширно, што претставува новина во творештвото на Мопасан, но тој не се губи во тие суптилности, туку надворешниот свет го набљудува со отворени очи, сликајќи и сцени кои воопшто не се суптилни, со што потсетува на неговиот натурализам. Всушност, љубовната тематика во делото не е суптилна, туку се одликува со натуралистичко сликање на жената и љубовта, како една од главните својства на неговите дела. Мопасан не измислува, тој само го опишува она што го видел и што го доживеал.[3]

Наводи

уреди
  1. Ivo Hergešić, „Maupassant i pozadina jedne njegove novele“, во: Guy de Maupassant, Yvette. Split: Logos, 1984, стр. 87.
  2. Guy de Maupassant, Yvette. Split: Logos, 1984.
  3. Ivo Hergešić, „Maupassant i pozadina jedne njegove novele“, во: Guy de Maupassant, Yvette. Split: Logos, 1984, стр. 90-91.