Земјата на снегот

Земјата на снегот (јапонски: 雪国, Јукигуни) — роман на јапонскиот автор Јасунари Кавабата. Романот се смета за класично дело на јапонската литература[1] и бил меѓу трите романи што ги цитирал Нобеловиот комитет во 1968 година, кога Кавабата бил награден со Нобеловата награда за литература.[2]

Земјата на снегот
АвторЈасунари Кавабата
ЗемјаЈапонија
Јазикјапонски
Издадена
1935-1937

Во романот „Земјата на снегот“ е опишан јапонскиот живот, обичаите, традицијата, сфаќањата. Романот има љубовна тематика, а главен лик е богатиот Шимамура од Токио кој е растргнат меѓу љубовта кон двете жени (младата и чиста Јоко и гејшата Комако) и сопственото пронаоѓање. На моменти мисли дека токму чистината што ја симболизира Јоко е она кон што се стреми за да ги достигне вистинските вредности во животот, на моменти, пак, го привлекуваат знаењето, префинетоста и љубовта на Комако.[3]

Содржина

уреди

Упатен на одмор кон Земјата на Снегот каде очекува да се сретне со Комако, девојката што ја запознал порано, во возот го здогледува совршеното лице на младата девојка Јоко од кое се воодушевува. Нејзиниот лик, нејзините движења, грижата за болниот кој го придружува на Шимамура му предизвикуваат силни чувства кои му ја прочистуваат душата. Тој ја набљудува во одразот на прозорецот, индиректно, незабележано. На тој начин недофатната убавина и чистина станува уште понедопирлива, нереална. Зашто совршенство не постои – тоа е само нечија илузија:

„На осветлението во вагонот му недостасуваше силина и затоа Шимамура не можеше, во одразот на прозорецот, да ги гледа рељефно и чисто ликовите како што би ги гледал во вистинско огледало. Затоа можеше лесно да заборави дека гледа лик одразен во прозорецот, па малку по малку почувствува дека тоа женско лице го гледа надвор како се бранува и се лелее врз непрестајниот порој на маѓесно темниот пејзаж.

Ова особено дојде до израз кога една далечна светлина блесна среде лицето на девојката. Во играта на одразот, во дното на прозорецот, ликот на девојката не беше толку изразит за да го скрие блесокот на светлината; но не беше ни толку нејасен за да исчезне под неа. Шимамура ја следеше светлината што минуваше полека преку лицето на девојката без да го помати. Беше тоа како студено блескање загубено во далечината. А кога неговиот блед отсјај светна во зениците на младата жена и кога блескотот на погледот се слеа со оној на светлината, тоа беше невидена убавина што проникнуваше во беспредел. Очите на девојката пловеа над океанот на ноќта, а вршките на планината беа надојдени бранови.“

Од почетокот до крајот на романот, Јоко, иако реално постои, е илузија, токму како што е опишана во извадокот. Се појавува како соѕвездие во мислите на Шимамура, живее како недофатна ѕвезда и исчезнува во пожарот, во бескрајот на Млечниот Пат.

Земјата на Снегот е туристичко место во високите планини на Јапонија каде најчесто се одело на скијање и на Празникот на јаворовите дрвја, во доцна есен, кога посетителите уживале во глетката на паѓањето на жолтите лисја, пред првиот снег. За посетителите таму ги има сите удобства, пријатно сместување, ресторани, бањи, забава со гејши.

Шимамура за првпат бил во Земјата на Снегот пред две години и веќе трета година таму го влече природата, но и гејшата Комако која е вљубена во него. Таа го дочекува среќна без да му забележи дека воопшто не ѝ се јавил цела година.

„По сето она што се имаше случено меѓу нив порано, тој не ѝ напиша ниедно писмо; не дојде ни да ја види и не ѝ ја прати ни книгата за танчарската техника што ѝ ја имаше ветено. Таа имаше полно право да поверува дека тој само се забавувал со неа и дека ја заборавил. Значи, Шимамура и должеше извинување и затоа сега тој требаше да го почне разговорот. Но, кога се упатија заедно накај собата, без да прозборат, без поглед да разменат, Шимамура почувствува дека таа воопшто не му се лути и дека во дното на душата е радосна и среќна што повторно го гледа. Да се зборува во овој момент, тоа значеше да се откријат сопствените грешки. Омајан веќе, Шимамура навлегуваше во еден свет што за него претставуваше блаженство. Пред да се искачат по скалите, тој ја подаде левата рака и и ја стави под очите.

–   Оваа рака го чуваше најубавиот спомен за тебе. “

Ретроспективно, авторот се навраќа на минатото и првата средба меѓу нив, раскажува за животот на Комако, дека таа не била гејша, туку обична девојка која живеела во куќата на учителката по музика и понекогаш учествувала во забавите. Уште при првата средба тој е воодушевен од нејзината свежина, од нејзиното познавање за театарот и ентузијазмот со кој раскажувала за тоа и веднаш се родило пријателство кое тој не сакал да го засени со телесна љубов. Но, таа се навредува кога Шимамура бара гејша за задоволување на страстите и навредена ја повикува за него. Меѓутоа, тој не може да ги оттргне мислите од Комако и набрзо ја отпушта гејшата без речиси и да ја погледне. Така, пријателската врска меѓу нив се продлабочува.

При последното доаѓање, Шимамура заинтересиран за убавата Јоко која го придружувала болниот, ги слушнал озборувањата дека Комако станала гејша за да може да го плати неговото лекување зашто тој бил нејзин свршеник. Кога Шимамура и го кажува тоа, Комако се разбеснува, негира, и вели дека немала свршеник и дека не станала гејша заради никого. Дружењето меѓу нив веќе не е како порано, таа е постојано ангажирана на забавите и ги краде моментите да дојде и да го посети во неговата соба. Претпазлива е да не ја забележат другите во негово друштво, се плаши од озборувања, но од друга страна не може без него. Таа го склучила договорот за гејша, но како едвај да чека да поминат четирите години за да се ослободи од обврската.

Деновите во Земјата на Снегот поминуваат еднолично, во прошетки, забави, одмор. Но, сепак на крајот се случуваат две работи кои се кршат врз грбот на Комако. Првин умира болниот, кого таа не сака да оди да го посети на умирање, не сака да се соочи со смртта, со умирачката; а во моментот кога Шимамура треба да си замине со возот, во пожарот умира и Јоко.  

„Долгото кимоно на гејша и се вееше одзади додека трчаше, тетеравејќи се меѓу локвите вода и полуизгорените натрупани греди што и го препречуваа патот.

Најпосле таа се сврти, носејќи ја на раце Јоко. Напорот и ги истакнуваше цртите, и го растегаше очајнички лицето, под кое, безизразно, речиси спокојно, се лелееше лицето на Јоко, толку бело и безживотно како кога е душата веќе излезена.

Комако, за која не се знаеше дали носи жртва или ја носи тежината на сопствената казна, чекореше без да сфати дека си пробива пат низ урнатините.

Толпата, дотогаш смраморена, се отвори и се затвори околу неа, со своите илјадници одново изнајдени гласови.

– Назад! Тргнете се!

Тоа беше гласот на Комако.

– Таа ќе полуди! Таа ќе полуди! – слушна Шимамура по извикот на Комако.

Но, кога сакаше да се приближи кон обезумениот глас, луѓето што брзаа да ја земат од нејзините раце неподвижната Јоко, луѓето што се стискаа околу неа, го турнаа толку силно што тој ја загуби рамнотежата и се затетерави. Направи еден чекор да се задржи и, во мигот кога се наведе наназад, Млечниот Пат се истури во него со страшен трескот.“

Така завршува романот. Комако – целосно скршена, без двајцата кои нешто и значеле во животот, на раб од спобудалување; а Шимамура мртов за тој свет на Земјата на Снегот. Тој можеби вистински не умира, меѓутоа веќе нема што да бара во ова место каде го наоѓал својот спокој, мир и љубов. Таму веќе ништо не останало од она што го сакал, ниту Комако, ниту Јоко.

Освен што е прикажан дел од животот на Шимамура, Комако и Јоко, во „Земјата на Снегот“ се прикажани и јапонскиот живот и традиција – животот на гејшите, традиционалните  инструменти како што е самизенот (на кој свиреле гејшите), нивната облека, фризура, шминка; животот во високите планини и туристичките центри – празнувањето на паѓањето на жолтите лисје; ткаењето и перењето (белењето на снег) на платното чиџими (ленено платно), итн.

Наводи

уреди
  1. Author, No (2015-01-03). „In Kawabata's footsteps to 'Snow Country'. The Japan Times (англиски). Посетено на 2023-08-16.
  2. „The Nobel Prize in Literature 1968“. NobelPrize.org (англиски). Посетено на 2023-08-16.
  3. „„Земјата на снегот" - Јасунари Кавабата“. Македонски јазик и литература. 2010-11-23. Посетено на 2023-08-16.