За јазичната определба на македонските Словени
За јазичната определба на македонските Словени (германски: Zur sprachlichen Beurteilung der Macedonischen Slaven) — докторска дисертација на Леонард Мазинг, одбранета на 27 ноември 1890 година на тогашниот Дерптски универзитет (денешен Тарту). Трудот бил отпечатен во Печатницата на Царската академија на науките (Buchdruckerei der Kaiserlichen Akademie der Wissenschaften) во Санкт Петербург.[1][2]
Автор | Леонард Мазинг |
---|---|
Изворен наслов | Zur sprachlichen Beurteilung der Macedonischen Slaven |
Земја | Руско Царство |
Јазик | германски |
Издавач | Царска академија на науките |
Издадена | 1890 |
Страници | 112 |
Делата на Мазинг долги години остануваат непознати за македонската научна јавност, но во 1975 година Р. В. Булатова го истражувала делото на Мазинг и го објавила трудот: „Првиот истражувач на јазикот на македонските Словени Л. Г. Мазинг (1845 – 1936 )“. Овој труд бил објавен во 1982 година во книгата „Македонски јазик“, со што делото на Мазинг станува достапно за македонската јавност.[3]
Историски прилики
уредиВо времето кога Мазинг ја пишува својата докторска теза, на територијата на Македонија веќе неколку децении се води војна за тоа кој ќе биде јазикот на тие, кои тој ги нарекува „македонски Словени“. Уште од почетокот на 19-от век во Македонија имало бројни бугарски и српски училишта. Тоа значи фактите прво се создавале на теренот, а потоа се пишувала историјата. Германскиот политичар, дипломат и писател Албин Кучбах (Albin Kutschbach 1853-1936), кој често престојувал во мисии на Балканот, слично на Мазинг, гледал на Македонците како на „национално сè уште неосвестени Словени”. Кучбах сметал дека на крајот на 19-от век српскиот и бугарскиот јазик се разликувале еден од друг само во дијалектите, додека нивниот литературен јазик имал само мали разлики. Дали од еден Македонец ќе се направело со силата на црковниот образовен систем Бугарин или Србин зависело само од вештината во врбувањето и од средствата кои се вложувале во него.
Во ова време, 12 години по Санстефанскиот договор и Берлинскиот конгрес, славистите Стефан Верковиќ и Виктор Григорович веќе пишувале за Македонија што имало свое влијание во научните кругови. Населението на Македонија Верковиќ го нарекол „македонски Бугари“, а Григорович во патописот „Записи од патувањето низ европска Турција“ го нарекол „Бугари“.[2]
Содржина
уредиМазинг никаде населението на Македонија не го нарекува „бугарско“. Тој пишува за „Македонски Словени“ (Macedonische Slaven), за „јазикот на Македонците“ (Sprache der Macedonier, стр.76) или, на истата страна, за „определбата на Македонскиот" (Die Beurteilung des Mazedonischen). Често во ист контекст стојат едно до друго имињата на јазиците: српски, бугарски и македонски (Serbisch, Bulgarisch, Macedonisch).
Во својата дисертација Мазинг пишува дека дијалектално „словенското население во Македонија“ се служи со еден „различно обоен јазик“. Тој јазик насекаде има две општи обележја: „од една страна еден малку или повеќе истакнат белег на сродност со особеностите на бугарскиот, но, од друга страна, и една помала или поголема сличност со некои карактеристични особености на српскиот (српско-хрватскиот.“ (стр.5) За Мазинг е разбирливо дека при ваквата фактичка состојба, од една страна, се смета дека „македонскиот“ („das Mazedonsiche") е „дел“ од бугарскиот, со тоа што „обележјата кои зборуваат против тоа се прогласуваат за дијалектални“, додека, од друга страна, токму со истакнувањето на овие противречни обележја тој се прогласува за чист српски. (Мазинг, стр. 6, точка 7). Мазинг сметал дека прашањето за тоа кон кое говорно подрачје е најблизок јазикот на „македонските Словени“ во никој случај не може да се смета како „конечно решено“. Затоа што имало „уште многу точки кои требало допрва да бидат прецизно испитани, пред да може да се очекува задоволителен одговор“. Таква неиспитана точка е и особеноста на првобитните гласовни групи ќ, ѓ и џ во македонските говори. Разликите на овие гласови во македонскиот во однос на другите словенски јазици Мазинг ги разгледува со многу акрибија, наведувајќи неверојатно богата лексичка граѓа. Најмногу сличност со овие македонски гласови тој наоѓа само во „чакавскиот” хрватски говор. Интересни се и резултатите од неговото истражување на акцентот во северозападните македонски говори, каде што тој открива сличности со акцентот во полскиот, но и во латинскиот јазик.[2]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Masing, Leonhard. Zur sprachlichen Beurteilung der Macedonischen Slaven (PDF). Санкт Петербург: Царска академија на науките. Посетено на 27 октомври 2023.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Кица Колбе (10.12.2020). „Германскиот славист Леонард Мазинг и Македонците“. DW. Посетено на 27 октомври 2023. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Весна Костовска (16.12.2019). „ДОКТОРСКАТА ДИСЕРТАЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ОБЈАВЕНА ПРЕД РЕЧИСИ 130 ГОДИНИ!“. Глобус. Посетено на 27 октомври 2023. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help)