Закон за една цена

Закон за една цена (англиски: Law of One Price) — закономерност во економијата според која, ако постои слободно движење на стоките меѓу земјите, тогаш нивната цена (искажана во иста валута) ќе биде еднаква на различни места. Оваа еднаквост е обезбедена под дејство на локациската арбитража, односно девизниот курс се приспособува така што обезбедува еднаквост на цените.

Објаснување на законот за една цена

уреди

Математички, законот за една цена може да се претстави на следниов начин:[1]

PD = PF x S

каде: PD е домашната цена на производот, PF е странската цена, а S е девизниот курс.

На пример, да претпоставиме дека во САД шеќерот се продава по цена од 3 долари, додека во Британија цената на шеќерот изнесува 1,50 фунти. Ако делува законот за една цена, тогаш девизниот курс меѓу доларот и фунтата ќе се формира така што ќе обезбеди двете цени (искажани во иста валута) ќе бидат еднакви. Во овој пример, ако цената на шеќерот во САД изнесува 3 долари, а неговата цена во Британија е 1,5 фунти, девизниот курс мора да биде 1 фунта = 2 долари за да важи законот за една цена. Во тој случај, при таков девизен курс, цената на шеќерот во двете земји ќе изнесува 3 долари (1,5 х 2), односно 1,5 фунта (3/2).[2]

Наводи

уреди
  1. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 121.
  2. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 121.