Женидбата на Максим Црнојевиќ
Женидбата на Максим Црнојевиќ (српски: Женидба Максима Црнојевиһа) - српска епска (јуначка) песна. Песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од старецот Милија кој бил родум од Колашин, Херцеговина, а во времето на Караѓорѓе Петровиќ пребегал во Србија и се населил во пожешката нахија. Со помош на кнезот Милош Обреновиќ, Караџиќ се сретнал со Милија во Крагуевац, во 1822 година. Според сведоштвото на Караџиќ, старецот Милија не знаел песните да ги кажува по ред, така што бил принуден да бара да му ги пее песните полека и по неколкупати, за да може да ја поврзе содржината. Освен тоа, Милија воопшто не сакал да пее без ракија.[1]
Содржина
уредиГосподарот на Жабљак, Иво Црнојевиќ ја бара ќерката на венецијанскиот дужд за неговиот син Максим. По тригодишно просење, најпосле дуждот се согласува и Иво се враќа дома за да ја подготви свадбата. Притоа, тој го пофалува синот, велејќи дека нема толку убав јунак како него, но кога простигнува дома гледа дека Максим во меѓувреме огрдел, како последица на болест. Од мака, Иво ја одложува свадбата цели девет години, сè додека не добива писмо од дуждот. Тогаш, Иво го прифаќа советот на својата жена и повикува бројни сватови за да одат по невестата. Неговиот внук, капетанот Јован го моли да ги откаже сватовите, зашто сонил лош сон. Пред да испловат сватовите, Иво им предлага да направат замена и убавиот јунак Милош Обренбеговиќ да се претстави како зетот и да ја земе невестата. Милош се согласува, под услов сите подароци што ќе ги добие да останат само за него, а Иво го прифаќа условот. Сватовите пристигнуваат во Венеција, а домаќините му даваат скапоцени подароци на Милош. Коаг свадбената поворка доаѓа пред Жабљак, невестата ка открива измамата и бара Милош да ги врати подароците. Тој се согласува да предаде дел од подароците, но не се откажува од скапоцената облека. Тогаш, Максим го убива Милоша и бега со невестата, а тоа предизвикува крвава борба меѓу сватовите во која умира деверот, капетанот Јован. Максим му праќа писмо на дуждот да си ја земе ќерката, а тој оди кај царот во Истанбул. Истовремено, Јован Обреновиќ, братот на убиениот Милош, исто така, заминува кај царот во Истанбул. Таму, Јован и Максим се потурчуваат и стапуваат во служба кај царот. По девет години, тој им подарува големи имоти, но непријателството меѓу двете семејства продолжува уште долго време.[2]