Ефтимиј Велики е христијански светец.

Ефтимиј Велики
Роден(а) 377, Ерменија
Починал(а) 20 јануари 473
Почитуван(а) во православие
Римокатоличка црква
Слава 20 јануари

Ефтимиј е роден во ерменскиот град Мелитина, во близина на реката Еуфрат во 377 година, од благородни и познати родители. Неговата мајка имала некоe небесно видување за раѓањето на Ефтимиј. Уште од младоста се подвизувал, најнапред во околината на својот град, а потоа, откако го посетил Ерусалим, во дваесетидеветата година од животот, во пустината помеѓу Ерусалим и Ерихон, наречена Фаре. Сите денови и ноќи ги поминувал со молитва. Околу него се собрале многу ученици, од кои некои се славни светители, како: Киријак Отшелник, Сава Освештени, Теоктист и други.

Според христијанското верување бил голем чудотврец: изгонувал демони, лекувал тешки болести, извел вода од пустината, умножувал леб, прорекувал. Монасите ги учел на трудољубие, говорејќи им: “Ако вие без труд јадете леб, значи дека вие го јадете туѓиот труд”. Кога некои помлади браќа сакале да постат повеќе од другите, тој им забранил и им наредил да доаѓаат на заедничката трпеза за да не се погордеат од својот прекумерен пост. Уште говорел дека за монахот не e добро да преминува од место во место, велејќи: “ Дрвото што често се пресадува, не донесува плод, а кој сака да прави добро може да го прави на она место каде што e”. За љубовта говорел: “Она што e солта за лебот, тоа e љубовта за останатите добродетели”.

Во првата недела од чесниот пост тој се оддалечувал во пустината и таму останувал во молчание и богомислие сè до пред Воскресението. За време на неговиот живот, во близина на неговата пештера, направил голема лавра. Последната заповед му била во манастирот да се одржува гостољубието и портата на манастирот никогаш да не биде затворена. се упокоил во 97. година од животот. На погребот му бил и ерусалимскиот патријарх Анастасиј. Цел ден патријархот чекал додека огромната маса од народот го целивала светителот и дури вечерта успеале да го завршат опелото[1].

Православната црква неговиот ден го чествува на 20 јануари според јулијанскиот календар[2].

Наводи

уреди
  1. „Охридски пролог“ стр. 27
  2. http://www.mpc.org.mk/Kalendar/mesec.asp?mo=2