Државна регулација

Државна регулација е збирка на правни прописи со кои се определуваат условите за извршување на некоја стопанска дејност. Притоа, регулацијата може да се однесува на условите за влегување во дејноста, за определување на продажните цени, за заштита на вработените или на потрошувачите итн.

Регулација на банките

уреди

Со оглед на обемноста на операцииите кои ги извршуваат, ризиците кои ги преземаат при нивното работење, и нивното значење за економијата, сосема природно, комерцијалните банки се едни од најрегулираните финансиски институции, а воедно и банкарството е најрегулирана активност од сите бизниси. Банките имаат посебно место во рамките на економскиот систем, и затоа државата настојува да го спречи нивното можно неразумно однесување, со кое тие би се ангажирале во премногу ризични активности. Имено државата е заинтересирана да го заштити финансискиот систем од нестабилност и е заинтересирана за благосостојбата на своите граѓани.[1]

Банките се регулирани од проста причина што, набљудувано низ историјата, комбинацијата на заеми финансирани со депозити отсекогаш водела кон банкарска паника. Имено, доколку банкарскиот систем стане инсолвентен се раѓаат потенцијално високи трошоци, бидејќи кредиторите стануваат неликвидни и информациите за заемобарателите се изгубени. Инсолвентноста на банкарскиот систем резултира од банкарската паника, настан кога голем број штедачи масовно си ги подигнуваат своите депозити од банката. Бидејќи банката веќе ги инвестирала тие средства во подолгорочни кредити, кои не се толку ликвидни, таа не е во можност веднаш да им ги исплати депозитите и доаѓа до тешка ситуација, каде што мора да побара државна помош или да пропадне. Токму затоа, банкарската регулација е една од најбитните аспекти во банкарскиот сектор.[2]

Причини за регулација на банките

уреди

„Слободен за натпревар“ значи исто што и „слобода за пропаст“, барем кога станува збор за банкарскиот сектор. Бидејќи неуспехот на која било финансиска институција води кон рушење на довербата на јавнста во системот, потои потенцијален конфликт помеѓу две цели на регулацијата: натпреварот и ефикасноста, и сигурноста и стабилноста на системот. Регулаторните власти се обидуваат да ги балансираат овие цели , преку издавање на голем број регулативни мерки, преку кои ги контролираат банките и другите финансиски институции.[3]

Во банкарскиот сектор постои силна пазарна конкуренција, која уште повеќе врши притисок врз банките за остварувње на што подобри резултати. Без пруденцијалната контрола и супервизија на банките и другите финансиски институции, дерегулацијата во сферата на банкарството и финансиите би можела да доведе до системски банкарски и финансиски кризи. Системскиот ризик во банкарството ја претставува опасноста од прелевање на загубите од една банка во целиот банкарски сектор, или пошироко, од една земја во други земји во светот. Имено, банкарството на една поголема банка може да доведе до верижна реакција и потрес и да го размрда целиот финансиски и банкарски систем. Притоа, постои опасност кризата на банкарскиот систем да се пренесе во реалиот сектор на економијата.

Значи, кога некоја банка е лошо раководена и кога нејзината финансиска состојба е сериозно влошена, таа треба да ја плати цената на неуспешното работење, т.е. регулаторите не треба да се обидуваат да ја спасат.[4] Сепак, ова треба да се сфати релативно, затоа што регулаторите веднаш реагираат доколу стане збор за голема и влијателна банка, чие пропаѓање би можело да доведе до системска банкарска криза. Во оваа смисла е формулиран слоганот „too big to fail“ („премногу голема да пропадне“), што значи дека одредени средни и големи банки намерно влегуваат во морален хазард, т.е преземаат поголеми ризици во своето работење поради тоа што се убедени дека во случај на неуспех, државата ќе ги спаси.[5] Поради ова, постои прудентна супервизија на банките и редовен оперативен мониторинг на нивното работење од страна на специјални државни институции, со цел банките да се однесуваат во склад со правилата и да се спречи нивното претерано преземање ризици.

Наводи

уреди
  1. Горан Петревски, Управување со банките, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 48.
  2. Gary Corton, „Bank regulation when ’banks’ and ‘banking’ are not the same“, Oxford review of economic policy, Vol. 10, No. 4.
  3. Burton Lombra, „Free to compete means free to fail“, во: The Financial System and the economy - principles of money and banking, 2006.
  4. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје 2008, стр. 51.
  5. Milutin Ćirović, Bankarstvo, Beograd, 2001, стр. 364.