Доминат
Доминат е назив за автократски облик на владеење кое било востановено во Римското Царство од страна на Диоклецијан[1] после кризата во III век и кој траел сè до падот на Царството.
Називот доминат е изведен од латинскиот збор доминус (= “господар“), кој првобитно се поврзувал за односот меѓу робот и неговиот сопственик. Тој назив пејоративно бил користен за некои цареви, почнувајќи од Јулиевците-Клавдијците, но не бил официјална титула. Некои цареви, како на пример Тибериј, искрено го преѕирале. Меѓутоа, во периодот на Диоклецијан оваа титула станала сосема вообичаена, па овој цар и се смета за основач на доминатот како систем на државна управа.
Појавување
уредиПрвата фаза на уредување на царската власт, позната под името принципат, која ја карактеризирало формално постоење на сите поранешни републикански уставни институции и обичаи, завршила со кризата во III век (235-284 г.). Таа криза е завршена со стапувањето на прњстолот на царот Диоклецијан, кој улогата и положбата на римскиот цар ја изместил од формалната структура на старите републикански установи, што постоела во текот на првите три века на царството. Тој вовел нов систем на владеење на четворица, т.н. тетрархија. Исто така, тој ја отфрлил титулата принцепс и отворено го усвоил монархистичкото однесување кон државничките службеници и сите свои поданици.
Можеби позначајно од самата титула било усвојувањето на божествениот статус на царот, со соодветниот назив “божествен“ (дивус). Деификацијата (прогласувањето за божествено) првично била посмртна почест што римскиот Сенат му ја доделувал на починатиот цар. Подоцна царот, уште додека бил жив, почнал себеси да си го дава називот “божествен“, а тоа често го правел и за членовите на своето семејство.
Меѓутоа, историчарите на доцната антика негираат дека преминот од принципат на доминат претставувал некаков остар рез во историјата на Римското Царство. Всушност, тие сметаат дека се работело за постепена трансформација во рамките на реформата на Диоклецијан, која иако била значајна, претставувала само еден од елементите во таа преодна фаза.