Динамика на растителноста
Динамика на растителноста (или синдинамика) — процес на постепена претворба на растителните заедници под дејство на надворешни и внатрешни фактори. Динамиката на растителноста е резултат од сезонските промени на структурата и составот на фитоценозите и нивните флуктуациски колебања во текот на годината.
Претстави за суштината на процесот синдинамика
уредиВо различните претстави за динамиката на растителноста се јавуваат разлики во восприемањето на самиот растителен покривач. Истражувачите кои го сметаат растителниот покривач како севкупност која е составена од помалку или повеќе реално постоечки, историски создадени фитоценози со детерминирана структура (односно ја сметаат фитоценозата за аналог на организмот), го претставувале процесот на синдинамиката како силно детерминиран процес со смена на различни етапи, кои соодветствуваат на определени групи од видови. Оние, пак, кои го сметаат растителниот покривач како еден континуум, притоа не прифаќајќи го постоењето на фитоценозите, го сметале процесот на динамика на растителноста како стохастички процес на постојана (константна) промена на видови, при кој етапите на динамиката се појавуваат условно и постепено преминуваат една во друга. Првото мислење доминирало во XIX и почетокот на XX век, а негови најзвучни застапувачи биле Фредерик Едвард Клементс и Владимир Николаевич Сукачев. Второто мислење широко се распространило во втората половина на XX век и е поврзано со имињата Леонтиј Григоревич Раменскиј и Роберт Витакер. Оваа теза со текот на времето практично ја потиснала организмичната претстава за фитоценозите.
Видови на синдинамика
уредиСе разликуваат три основни видови на динамика на фитоценозите — нарушувања, сукцесии и еволуција.
Нарушувања на фитоценозите
уредиНарушувања на фитоценозите настануваат при дејството на екстремните фактори (пожари, преселби, излевање на нафта, сеча), кои за кратко време делумно или целосно ги уништуваат фитоценозите. На местото на нарушената фитоценоза потоа се развива (вторична) сукцесија.
Сукцесија на фитоценозите
уредиСукцесијата е еднонасочна промена на растителната заедница која настанува од внатрешни или надворешни причини и завршува со климакс на фитоценозата. Сукцесијата не доведува до образување на нова фитоценоза, а се јавува со повторувања уште во најрано постоечките фитоценози.
Постојат неколку типови на сукцесија на растителноста:
- автогени сукцесии — сукцесии кои се обусловени од внатрешни причини:
- сингенеза — сукцесии кои произлегуваат од заемодејствата помеѓу растенијата;
- ендоекогенеза — сукцесии кои произлегуваат од промените на условите во стаништето;
- алогени сукцесии — сукцесии кои се сврзани со надворешни причини:
- хејтогенеза — локални промени на конкретните фитоценози;
- хологенеза — измени на фитоценозите во пределите.
Сукцесиите се разликуваат по:
- големината на временскиот период во кој се јавуваат: мали (десетлетија), средни (столетија), големи (илјадалетија), многу големи (десетици илјадалетија);
- повратноста: повратни и неповратни;
- степенот на постојаност на процесите: постојани и непостојани;
- потеклото: првични (кога сукцесијата се одвива на делови од екосистемот каде порано воопшто немало растителност) и вторични (кога сукцесијата се одвива на делови од екосистемот на кои растителноста била уништена);
- антропогеноста.
Еволуција на фитоценозите
уредиЕволуцијата на растителноста е долготраен процес на промена на заедниците кој води до возникнување на нови фитоценози кои порано не постоеле на даден простор.
Поддржувачите на дискретниот карактер на природата на фитоценозите сметаат дека заедниците еволуираат како целина, при што доаѓа до коадаптација на растенијата и зголемување на стабилноста на заедницата, односно доаѓа до "природна селекција на заедницата", аналогно на природната селекција кај организмите. Поддржувачите на растителниот континуум ја одрекуваат сличноста на природната селекција кај заедниците со онаа кај организмите. Тие сметаат дека видовите во заедницата еволуираат независно еден од друг.