Грчка машка гимназија во Битола

Грчката машка гимназија во Битола била основана била некаде во 1884/1885 година и активно работела до 1912 година. Таа била наследник на машката полугимназија основана во 1838 година, која подоцна настрадала во пожар.

Грчка машка гимназија во Битола
Зградата на гимназијата
Местоположба

Информации
Основано1884
Затворено1912
Запишани ученициок. 200 во учебна година

Финансиите за градбата биле обезбедени делумно од Пелагониската патријаршиска митрополија, а делумно со донации од локалното население. Според Колцадис пак, гимназијата била целосно платена од баронот Никола Думба од Виена. Учениците на оваа гимназија предимно доаѓале од Маловиште, Трново, Гопеш, Магерево, Нижополе, Крушево, Ресен, Корча, Охрид, Невеска, Клисура, како и од селата Белкамен, Писодери, Јанковец и други места ширум османлиска Македонија. Наставата ја посетувале околу 200 ученици годишно, а матурирале околу 35-40 ученици. Учениците главно доаѓале од влашките населби кои пред појавата на романската пропаганда, најчесто своето образование го стекнувале во патријаршиските институции.

Учители и ученици во гимназијата

Оваа гимназија се истакнувала со оосбено добар наставнички кадар, кој своето образование го имал стекнато во Атина, Виена и на други места во западна Европа. Се изучувале старогрчкиот, модерниот грчки јазик, физика, историја, филозофија, географија, вероунаука и други предмети. Оваа институција нудела прилично квалитетно и модерно образование. Зградата била особено пространа и на два ката. Изградена во западноевропски стил, со простран двор каде често се изведувале приредби од различен тип. Во склоп на овој објект постоел и интернат каде се сместувале учениците, а во истиот простор било формирано и основно училиште. По влегувањето на српската војска во Битола во 1912 година оваа институција престанала да работи.