Григориј Пелагониски
Григориј Пелагониски (втората половина на XVI в.) – бил епископ прилепски и пелагониски, автор на црковнословенски превод на зборникот „Сокровиште” од Дамаскин Студит.
Името му фигурира во насловот на две слова, за неделите на Митарот и фарисејот и за Блудниот син. Спомнат е и во еден натпис во олтарот меѓу апсидата и ѓаконикот на црквата од манастирот Трескавец, со текст дека некој Стојан Хранчев со жена си дал да се украси олтарот во 1570 г. за време на епископот Григориј. Од појаснувањето на некои грч. зборови (на пр.: phanerotis ꙁ ӏ), се гледа дека црковнословенскиот јазик го смета за свој. Јазикот на епископот Григориј во основата е црковнословенски од српска редакција, кој во XVI в. бил заеднички за сите православни Словени на Балканот. Но во него се допуштени многубројни црти од западномакедонското наречје. „Сокровиште“ се смета како основа за проникнување на дамаскинарската литература пишувана на народен јазик. Преводот го извршил во периодот меѓу 1570 и 1580 г. врз основа на едно од првите три венецијански изданија (1557–1562). Го превел на актуелниот црковнословенски јазик, со примеси од западномакедонскиот прилепско-битолски народен говор.