Галицизам
Галицизам (латински: gallicur, француски: gallicisme) – збор или фраза од францускиот јазик преземена во друг јазик.
Треба да се има на ум дека самиот поим галицизам не е сосем точен. Имено, дури 99% од француските позајмици имаат латинско (поточно романско) потекло, и немаат никаква врска со изумрениот галски (келтско потекло). Современиот француски јазик еволуирал од народниот латински јазик на територијата на поранешната Римска Галија, од каде и потекнува називот галицизам. Истиот е помилозвучен од „француцизам“. Галицизмите се доста бројни во речникот на македонскиот јазик, во него навлегле, некои директно, а некои преку други јазици. Со текот на времето дел од нив застареле и станале историзми и архаизми. Бројот на галицизми е значителен во повеќе светски јазици кои ги прифатиле во различно време. Англискиот, германскиот, холандскиот, романскиот, шпанскиот, јапонскиот, турскиот и многу африкански јазици имаат значителен број галицизми.