Галебот Џонатан Ливингстон

Галебот Џонатан Ливингстон е басна во новела напишана од Ричард Бах, во која се зборува за галеб, кој учи за животот и летањето, како и за подобрувањето на себеси. Првпат е печатена во 1970 година, оттогаш станува популарна низ Америка. До крајот на 1972 година, продадени се повеќе од милион примероци и се нашла на врвот на најпродавани книги во списанието Њујорк Тајмс, каде останала цели 38 недели.

Галебот Џонатан Ливингстон
Галеб во лет
АвторРичард Бах
Изворен насловJonathan Livingston Seagull
ИлустраторРасел Мансон
ЗемјаСАД
ЈазикАнглиски
Издадена
1970
Страници37 (Вкупно се 68 страници,но само 37 се со текст,останатите се слики)

Содржина

уреди

Галебот Џонатан Ливинстон не бил како другите галеби. Тој бил бунтовник и не се грижел за другите галеби. И додека родителите го молеле да биде како другите галеби и да се грижи за тоа како да дојде до храна, тој само сакал да стане летечки виртуоз. Бил слаб, но летањето го сакал повеќе од храната. Ни помалите несреќи кои ги имал во воздухот не го поколебале. Со напорни вежби успеал да постигне брзина од 396 километри на час. Тоа бил рекорд во јатото и Џонатан очекувал пофалби од Старешината. Меѓутоа, Старешината го прекорил и го истерал од јатото. Но, Џонатан бил уверен дека следува повисока цел во животот. Бил протеран на високите тврдини, но тој одлетал подалеку. Го болело тоа што неговите браќа не сакале ниту да слушнат ниту да видат што научил.Протераниот Џонатан станува отпадник, но никако не се откажува од својот сон. Неговата желба е уште поцврста. Да се достигне совршенството, да се совлада летањето, да се биде слободен. Неговата техника на летање постојано се усовршува. Веќе не му се потребни бродовите за да преживее. Знае сам како да лови риба. Се вивнува во небесата, а потоа нурнува во водата и лови риба и на поголема длабочина. И не само тоа. Учи и повеќе, учи да спие и да се одмара додека лета. Да прелетува големи далечини со леснотија, да јава на силните ветрови. Учи да се пробива низ маглата и да се издигнува над тешките облаци, да биде горе, кај сонцето, додека останатите галеби во тие услови воопшто не би се одделиле од земјата и само би зјапале во небото. А потоа, една ноќ на Џонатан му се приближиле други два галеба кои биле сјајни како ѕвездите. Тие без никаков проблем ги изведувале сите акробации што Џонатан им ги задавал. Кога увидол дека нашол галеби рамни на него, Џонатан ги прашал кои се тие. Тие му одговориле дека се негови браќа и дека го носат дома, во неговиот вистински дом. Џонатан бил спремен и тогаш трите галеби исчезнале во темното небо. Џонатан сè полесно ги изведувал своите акробации, телото му станало посветло, а очите посјајни. Открил дека може да лета со брзина од 500 километри на час. Но, потоа неочекувано двата галеби исчезнале. Џонатан слетал на крајбрежјето каде го чекале десетици други галеби. Набрзо сфатил дека дошол во заедница во која на сите им било важно да ја доведат својата техника на летање до совршенство. За инструктор го добил галебот Саливан. Една вечер од старешината Ганг дознал дека небото не е одредено ниту со времето ниту со местото туку дека тоа е совршено и може да биде било каде и било кога. Дознал дека и со силата на мислите може да се стигне било каде. Џонатан напорно ја вежбал таа вештина и со старешината Ганг дошол на некоја чудна планета. Требало само уште да научи да ја контролира новостекнатата вештина. Но, една вечер Ганг исчезнал, умрел.

Џонатан сè повеќе размислувал за Земјата. Саливан го убедувал да остане, но Џонатан сепак заминал. На небото можел да се врати секој момент, бидејќи ги совладал и времето и просторот. Отишол на Земјата, бидејќи сакал да ги научи да летаат и другите галеби кои биле протерани како него поради летањето. Прв ученик му бил галебот Флечер Линд, млад галеб кој тежнеел кон летачкото совршенство. А Џонатан во тоа време бил најубавиот и најсовршениот галеб на светот. Наскоро добил уште шест нови ученици и со нив и со Флечер сакал да се покаже пред своето старо јато. На почетокот бил одбиван, но по некое време илјадници галеби се собирале околу него и сакале да станат како него. Еден ден Флечер доживеал несреќа. Со голема брзина удрил во некоја карпа и ништо не му било. Џонатан тогаш забележал дека Флечер завладеал со снагата на своите мисли и му го препуштил подучуванњето на другите галеби, а тој отишол кај други јата.

Флечер сфатил дека не постојат граници, дека сè е можно. Тогаш започнал неговиот лов на Џонатан, за отелотворување на совршенството и неговата трка со знаењето. Во таа трка не можел да победи бидејќи знаењето нема граници.

Објавување и рецепција

уреди

Неколку издавачи ја одбиле новелата Галебот Џонатан Ливингстон пред да ја види Еленор Фрид од издавачката куќа Макмилан во 1969 година, која ги убедила во Макмилан да го откупат ракописот. Бах добил аванс од 2000 американски долари.[1]

Неколкумина критичари го истакнувале првиот дел кој го опишувале како ел од американската култура на позитивно мислење и самопомош. Филмскиот критичар Роџер Иберт напишал[2] дека книгата е „толку банална што мора да ја продаваат на возрасни, бидејќи за децата е лесна“.

Книгата била ставена на списокот од 50 „вонвременски класици на духовноста“ во една книга на Том Батлер-Боудон[3] кој тврдел дека „и покрај тоа што некои ја сметаат за наивна, книгата во суштина ги покажува вонвременските идеи за човечкиот потенцијал“.

Џон Клут за Енциклопедија на фантастиката напишал: „Фантастично дело за животни, што зборува за галеб филозоф, длабоко обземен со летањето, и кој бара премногу од својата заедница и затоа е избркан. Тој станува проклет скитник, а потоа умира, и во посмртните фантастични сцени ја спознава повисоката мудрост. Се враќа на Земјата за да проповеда и да лечи, а на крајот се враќа на небото каде што припаѓа.“[4]

Наводи

уреди
  1. „Our History“. LivingstonAviation. Архивирано од изворникот на 3 јануари 2010. Посетено на 2016-01-20.
  2. Ebert, Roger. „Jonathan Livingston Seagull“. RogerEbert. Посетено на 2011-07-10.
  3. Butler-Bowdon, Tom (2003). 50 Spiritual Classics: Timeless Wisdom From 50 Great Books of Inner Discovery, Enlightenment and Purpose. Nicholas Brealey: London.
  4. Clute, John; Nicholls, Peter (1993). The Encyclopedia of Science Fiction. New York: St Martin’s Griffin. стр. 79. ISBN 0-312-13486-X.

Надворешни врски

уреди