Галактичко јато

збирен состав од гравитациски врзани галаксии
(Пренасочено од Галактички јата)

Галактичко јато (или јато галаксии) — склоп сочинет од стотици до илјадници галаксии кои се меѓусебно сврзани под силата на гравитацијата[1] Претставуваат најголемите гравитациски врзани структури во вселената и сè до 1980-тите се сметале за најголемите структури воопшто, пред откривањето на суперјатата.[3] Гледани како целина, обично имаат 1014–1015 Сончеви маси. Една од нивните клучни одлики е внатрејатната средина, која се состои од загреан гас помеѓу галаксиите и температура од 2 до 15 keV, зависно од збирната маса на јатото. Помалите склопови на галаксии се нарекуваат галактички групи. Самите групи и јата можат да бидат групирани заедно, образувајќи суперјата.

Пет галаксии групирани заедно, само 600 милиони години по настанокот на вселената.[1]
Галактичкото јато IDCS J1426, оддалечено 10 милијарди светлосни години од Земјата. Има вкупна маса колку 500 трилиони наши сонца.[2]
Образување на галактичкото хато MRC 1138-262 (уметничка претстава).

Познати галактички јата во релативна близина се Девица, Печка, Херкул и Береникина Коса. Рамнило е главна составница на Големиот Привлекувач, кој претставува посебно голем збир од галаксии, чија маса е толку голема што влијае врз месното ширење на вселената. Позначајни јата во далечната вселена се SPT-CL J0546-5345 и SPT-CL J2106-5844, кои се најмасивните јата настаните во раниот развој на вселената. Во последните децении е утврдено дека тие се битни места на честично забрзување, откриено набљудувајќи ги нетоплинските расеани радиозрачења, како што се радиоореолите и радиоостатоците. Во многу галактички јата се среќаваат и структури како студени предници на ударни бранови, утврдени со рендгенски набљудувања од опсеваторијата „Чандра“.

Основни одлики

уреди

Галактичкото јато ги има следниве типични одлики:

  • Опфаќа 100 до 1.000 галаксии, со врел гас кој оддава рендгенски зраци и колеми количества на темна материја[4]
  • Распореденоста на трите составници во јатото е приближно рамномерна.
  • Вкупна маса од 1014 до 1015 Сончеви маси.
  • Пречник од 2 до 10 мегапарсеци.
  • Брзините на поединечните галаксии во него се движат од 800 до 1000 км/с.

Состав

уреди

Секое галактичко јато има три составни дела:

Дел Удел во масата Опис
Галаксии 1 % Единствениот оптички видлив дел од јатото
Меѓугалактички гас во внатрејатната средина 9 % Плазма меѓу галаксиите при високи температури. Оддава рендгенски зраци по пат на топлинско закочно зрачење
Темна материја 90 % Најмасивната составница која не е видлива, туку се изведува преку гравитациските заемодејства

Забележителни јата

уреди
Јато Белешки
Девица Најблиското масивно галактичко јето
суперјато Ланијакеја Јатото во чиј состав е нашата галаксија — Млечниот Пат
Рамнило Јатото во средиштето на Големиот Привлекувач
јато Куршум Спој од јата, каде за првпат е забележано раздвојувањето на темната од обичната материја

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Hubble Pinpoints Furthest Protocluster of Galaxies Ever Seen“. ESA/Hubble Press Release. Посетено на 13 јануари 2012.
  2. „Galaxy cluster IDCS J1426“. Посетено на 11 јануари 2016.
  3. Kravtsov, A. V.; Borgani, S. (2012). „Formation of Galaxy Clusters“. Annual Review of Astronomy and Astrophysics. 50: 353–409. arXiv:1205.5556. Bibcode:2012ARA&A..50..353K. doi:10.1146/annurev-astro-081811-125502.
  4. „Chandra :: Field Guide to X-ray Sources :: Groups & Clusters of Galaxies“.

Надворешни врски

уреди