Вистината но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени (роман)

Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени : старовремски роман - роман на македонскиот писател Влада Урошевиќ објавен во 2022 година во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени : старовремски
АвторВлада Урошевиќ
ЗемјаМакедонија Македонија
ЈазикМакедонија македонски
Жанрроман
Издавач„Арс Либрис“
Издадена
2022
Медиумпечатено издание
Страници333 стр.; 21 см
ISBN978-608-267-491-9

За книгата уреди

Летото 1898 – во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен.

Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни...[1] Во време кога новата генерација на македонски автори (барем повеќето од нив) милува да пишува кратки, но силни романи, прилагодувајќи се на општата клима и брзиот начин на живеење и конзумирање на нештата, Урошевиќ уште на почетокот од својот нов роман ни предочува нешто важно, нагласувајќи дека напишал „старовремски роман“, така разрешувајќи ги сите можни дилеми. Супер, си помислив, периодов баш ми треба вакво четиво, кое според непишаните правила на „старата писателска школа“, ќе раскаже приказна која е доволно долга и длабока, за да може човек без предрасуди да се нурне во неа и со денови да живее со ликовите кои таа ни ги подарува. И секако, очекувањата беа сосема исполнети. По „Маџун“, писателот создал уште едно маестрално дело, на некој начин надоврзување на светот од претходникот, со таа разлика што дејството се одвива половина век поназад, на преминот од 19 во 20 век, во пророчкиот и секогаш возбудлив fin de siècle, кој отсекогаш носел нови визии за иднината.

Мирисот на клавчињата и гроздоберот, историјатот на скопските маала (Махаџир маало го оформиле босанските бегалци од режимот на Австроунгарија), присуството на француски археолози во Скупи… се нешта кои го градат духот на овој роман. Но и покрај ова богатство од слики, на него би погледнал од една друга перспектива, а тоа е развојот на дејствието од ракурс на местата на случување. „Секој текст, секоја книга е шума низ која читателот тргнува по различни патеки, пристапни и непристапни, изодени или полни со грмушки, за на крајот од неа да излезе како сосема нов човек“, вели славниот Умберто Еко во „Шест прошетки низ наративните шуми“. Затоа нагласувам дека избирам една од можните патеки, бидејќи можностите на движење низ овој богат ракопис се безбројни.

Делови во романот уреди

За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов, навистина мора да е врвно напишан. Овој наслов, што само го најавува патешествието на семејството Пустополски, претставува вистинско читателско уживање. Влада Урошевиќ во своето дело ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница, се вели во образложението на жири комисијата.

Според жири-комисијата, нестандарден во секоја смисла, романот на Влада Урошевиќ ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот од некое друго, сега веќе далечно време кое минувало пред лицето на Вардар каков што не го знаеме, а сведочело многу убави и неубави нешта.[2]

Наводи уреди

  1. Кон романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ (Арс либрис, 2022)
  2. „„Роман на годината" за 2022 година“. Факултети. 15.03.2023. Посетено на 14 август 2023. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)

Надворешни врски уреди