Ѕвезда — масивно тело од јонизиран гас (главно водород) во надворешната вселена, што произведува или произведувала енергија преку јадрено соединување. Најпозната и најблиска ѕвезда до Земјата е Сонцето. За разлика од планетите, една ѕвезда поради интензивната топлина зрачи светлина. Научно, ѕвездите се дефинираат како самогравитирачки сфери од плазма, што создаваат нивна сопствена енергија преку процесот на јадрено соединување. Науката што се занимава со проучување на ѕвездите се нарекува ѕвездена астрономија.

Ѕвездите можат да се видат на небесниот свод како точки што треперат, заради ефектот на Земјината атмосфера и нивното растојание од нас (кое што обично се мери во светлосни години). Сонцето е исклучок - тоа е единствената ѕвезда доволно блиску до Земјата за да биде видливо како небесно тело составено од различни сфери. Најблиската ѕвезда до Сонцето, Проксима Кентаури, се наоѓа на приближно четири светлосни години од Сончевиот Систем, односно 250 000 пати подалеку од Сонцето.

Една типична ѕвезда наликува на Сонцето. Нејзината маса е околу 1030 килограми, и нејзиниот пречник е неколку милиони километри. Моќта на зрачењето на една ѕвезда како Сонцето е околу 1026 вати. (Дознајте повеќе...)