Википедија:Избрана статија/2021/32
Илинденско востание — востание на македонскиот народ против османлиската власт. Конгресот на Македонската револуционерна организација, одржан во Солун, донел одлука на пролет да се крене оружено востание при што започнувањето и водењето на востанието им биле препуштени на окружните комитети. Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, одржан во Смилево, одлучил да се крене општо ослободително востание и избрал Главен востанички штаб на Битолскиот револуционерен округ (во состав: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев), кој донел одлука востанието да започне на денот Свети Илија, 2 август 1903 година (нов стил).
По започнувањето на востанието, Задграничното претставништво на Организацијата во Софија им предало на владите на европските големи сили Декларација со која биле известени за неподносливата експлоатација и за жестокоста на режимот на османлиската држава кој не ги почитувал елементарните права признаени на македонскиот народ со Берлинскиот конгрес. Од нив се барала ефикасна интервенција за да се присили владата на Турција, како единствено одговорна за воениот конфликт, да ги изврши преземените обврски и на Македонија да ѝ даде автономија.
Востаничките сили презеле нападни дејства во сите востанички реони. Востаниците од Крушевскиот востанички реон со концентриран напад го ослободиле Крушево. Во Костурскиот востанички реон биле ослободени поголемите населени места Невеска и Клисура, a во Леринскиот, Охридскиот, Преспанскиот и во Кичевскиот револуционерен реон се воделе жестоки борби. (Дознајте повеќе...)