Википедија:Избрана статија/2021/10
ABC-транспортер — член на натсемејство на транспортни системи, која е една од најголемите и веројатно една од најстарите семејства со претставници во сите колена на живиот свет, од прокариоти па сѐ до човекот. ABC-транспортерите често се изградени од повеќе подединици, од кои една или две се трансмембрански белковини и една или две се мембрански-асоцирани ATPази. ATPазните подединици ја користат енергијата од врзувањето и хидролизата на ATP за да ја покренат транслокацијата на различни супстрати низ мембраната, без разлика дали е за внес или изнес на супстратот.
Повеќето, но не сите, системи за внес имаат и екстрацитоплазматски рецептор кој го врзува супстратот. Некои хомологни ATPази учествуваат во процеси кои не се поврзани со транспорт, како што се на пример транслацијата на РНК и поправката на ДНК. ABC-транспортерите се класифицираат во ABC натсемејството на белковини, врз основа на секвенцата и организацијата на нивните ATP-врзувачки касетни (ABC) домени, иако нивните интегрални мембрански домени еволуирале независно едни од други неколку пати во еволуционата историја на животот, што ги прави да припаѓаат на различни белковински семејства. Интегралните мембрански белковини на ABC експортерите (изнесувачите) еволуирале независно едни од други најмалку трипати во историјата на животот. Врз основа на нивните тридимензионални структури со висока резолуција, веројатно е дека интегралните мембрански белковини на ABC импортерите (внесувачите) еволуирале независно едни од други најмалку трипати. ABC импортерите во клетката внесуваат разни молекули, како што се: хранливи материи, биосинтетски претходници, витамини, метални јони; додека ABC експортерите изнесуваат од клетката стероли, липиди, ксенобиотици и голем број на првични и вторични метаболити. Високото ниво на експресија на гените кои кодираат некои од овие експортери и кај прокариотските и кај еукариотските организми (вклучувајќи го и човекот) резултира со развој на резистентност кон многу лекови, како што се антибиотици и антиканцерогени лекови. (Дознајте повеќе...)