Природа е поим којшто во најширока смисла означува природна средина, материјален свет. Латинскиот збор за природа е natura, кој е превод од грчкиот физис (φύσις) и означува природни нешта, нешта од природен карактер. Природата се дели на жива и нежива и се разликува од вештачки создадените предмети од страна на човекот.

Концептот за природата како целина, физичка вселена, е едно од неколкуте проширувања на првобитното значење; тој започнал да се користи од страна на претсократовските филозофи и оттогаш се увидела неговата прецизност и започнал нашироко да се употребува. Ваквото поимање на природата е потврдено од современиот научен метод во последните неколку векови.

Денес најчесто во „природа“ се вбројуваат геолошките одлики на Земјата и дивината. „Природа“ може да се однесува на различни видови на живи растенија и животни, а во некои случаи на процесите што се одвиваат кај неживите објекти. (Дознајте повеќе...)