Википедија:Избрана статија/2010/20
Паленке (мајански: Bàak) — еден од најмоќните мајански градови и религиозни центри кој својот подем го забележал во VII век. Денес Паленке е значајно археолошко наоѓалиште во Мексико и еден од важните извори за проучување на претколумбовската мајанска цивилизација. По својот пад, градот бил проголтан од џунглата, но својот сјај повторно бил достапен за светската јавност по неговото откривање и реставрирање. Локалитетот се наоѓа во близина на реката Усумакинта во мексиканската сојузна држава Чијапас, околу 130 километри јужно од градот Кармен, на надморска височина од 150 метри.
Паленке бил град со средна големина, многу помал од останатите големи мајански градови Тикал или Копан. Сепак, и покрај големината, Паленке е дом на една од најдобрата мајанска архитектура вклучивајќи и скулптури, камени резби и украсни архитектонски елементи. Голем дел од историјата на Паленке била реконструирана со помош на хиероглифите кои се наоѓаат испишани на спомениците и градбите и денес историчарите имаат подетални информации за династиите кои владееле со градот во VII век, како и информации за соперниците на градот како што се Калакмул и Тонина. Најпознат владетел со Паленке бил Пакал Велики, чиј гроб бил пронајден и ископан во храмот со натписите. (Дознајте повеќе...)