Википедија:Избрана статија/2010/06
Полско-литванската Државна Заедница претставувала федерација меѓу Кралството Полска и Големото Кнежевство Литванија, кое постоело во периодот од 1569 до 1795 година. Земјата во текот на своето постоење била една од најголемите во Европа.
Сојузот имал некои специфични одлики. Така, политичкиот систем (познат и како „Златна слобода“) се одликувал со строга контрола врз власта на монархот. Оваа контрола била спроведувана од страна на законодавното тело „сејм“, коешто било под контрола на аристократијата („шлахта“). Ваквиот политички систем претставувал предвесник на современите концепции на демократијата, уставната монархија и федерацијата. Двете земји, кои го сочинувале сојузот биле формално еднакви, но сепак Полска била доминантен партнер во сојузот.
Полско-литванската Државна Заедница се одликувала со висок степен на етнички диверзитет и невообичаена верска трпеливост, којашто сепак, со тек на време се менувала.
По неколку декади на моќ, за време на Златниот век на заедницата, државата се соочила со период на политичко, воено и економско опаѓање. Слабостите кои брзо се појавувале довеле до нејзините поделби, меѓу соседите: Австрија, Прусија и Русија, на крајот од 18. век. Кратко пред пропаѓањето, биле направени обиди за големи реформи и притоа бил воведен уставот од 3 мај 1791, кој бил вториот најстар национален устав во современата историја. Дознајте повеќе...