Википедија:Избрана статија/2009/02
Белата мечка (латински: Ursus maritimus), позната и како „поларна мечка“ е мечка која живее во областа на Северниот Пол. Таа е најголемиот сувоземен месојад на светот, бидејќи мажјаците најчесто тежат 300 - 600 кг, а женките пола од тоа. Крзното ѝ е прозрачно, но изгледа како бело или кремасто, со што му обезбедува на животното добра камуфлажа. Кожата ѝ е всушност црна. Дебелото сало и крзно ја изолираат од студот. Има кус опаш и мали уши, што ја намалува загубата на топлина. Има и релативно мала глава и долгнавесто тело, што ѝ дава брзина при пливањето. Белата мечка е полуводен цицач, прилагоден на живот на копно, море и мраз, и е врвен месојад во нејзиниот животен простор. Се храни главно со фоки, млади моржови и китови, но всушност, ќе изеде сѐ што може да улови.
Белите мечки се ранлив вид со висок ризик за исчезнување поради прекумерниот лов и поради исчезнувањето на нивниот животен простор поради топењето на мразот на Северниот Пол. Зоолозите и климатолозите веруваат дека популацијата на белите мечки ќе се намали на една третина од сегашната до 2050 година. Во речиси сите земји од регионот на Северниот Пол белата мечка е прогласена за загрозен вид и е заштитена со закон.
Белите мечки се огромни, агресивни, љубопитни, и потенцијално опасни за луѓето. Дивите бели мечки, за разлика од другите видови на мечки, се речиси сосема ненавикнати на луѓе, и лесно може да ги нападнат како потенцијален плен. Мажјаците се самотници, се здружуваат со женките само во сезоната на парење, а женките се обично дружељубиви меѓусебе. Иако го имаат истиот хормон за хибернација како и останатите мечки, белите мечки не ја преспиваат зимата, освен бремените женки. (повеќе...)