Вечната насмевка (шведски: Det eviga leendet) — новела на шведскиот писател Пер Лагерквист од 1920 година.

Содржина

уреди

Во темнината седат неколку мртовци и зборуваат за убавината на животот и се сеќаваат на своите животи. Еден старец раскажува како живеел осамено, работејќи како клучар, а дури во староста го засакал животот, откако случајно видел една убава девојка. Кога почувствувал дека ќе умре, се обидел да влезе во нејзината куќа, но не успеал и умрел на улицата. Разговорите на мртовците ги слуша еден старец, кој живеел скромен, сиромашен живот без никој да му обрне внимание. Еден млад мртовец почнува да раскажува за својата прошетка во шумата, каде дошол до една воденица, каде добро вечерал, потоа легнал со жената на воденичарот, а потоа се фрлил во реката. Друг млад мртовец копнее по саканата девојка, но старецот кој седи до него му кажува дека девојката е одамна мртва, а тој бил нејзиниот син. Друг човек раскажува за својата сакана девојка со која подоцна се оженил, но која умрела штом го родила бебето, а целото село погинало од природна катастрофа. Потоа зборуваат неколку луѓе кои, секој на свој начин, се претставуваат како спасители на човештвото. Најпосле, едне човек ги повикува мртвите да појдат кај господ за да им ја каже смислата на животот. Постепено се собираат безброј луѓе кои со векови патуваат низ темнината. Меѓутоа, кога доаѓаат кај бога, тој не им дава никаков одговор, туку ги поразува со својата едноставност, а децата почнуваат да си играат со него. Наеднаш, сите мртовци наоѓаат спокојство и сфаќаат дека животот е вреден сам по себе, по што мирно се враќаат назад.[1]

Осврт кон делото

уреди

„Вечната насмевка“ е дело за потрагата по смислата на животот, парабола за богатството и разноликоста на животот и неговата неможност да се сведе на еден елемент. Параболичната рамка во која Лагерквист го набљудува човечкиот род - за да ѝ побегнат на вечноста, мртовците разговараат за своите животи на земјата - претставува основа врз која авторот ја гради својата едноставна порака за несовпаѓањето на човековото искуство и за вечната релативност на животот, среќата, задоволството, победите и поразите. Оваа лирска приказна, исткаена од едноставни, скржави вињети за различните човечки судбини, го освојува читателот со својата едноставна, непретенциозна сериозност со која авторот ја развива тезата за животот како „нешто најразбирливо од сето она што не може да се разбере“. Преку убедливиот човечки мозаик, возбудлив во својата едноставност, ова дело нуди една голема вистина - дека сопственото искуство е мерка на сите нешта и дека секој човек има свое место во животот во кое треба најпотполно да се оствари.[2]

Наводи

уреди
  1. Per Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 59-124.
  2. Dušan Puvačić, „Per Lagerkvist“, во: Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 128-129.