Велигденски игри во Порече
Велигденските игри од Порече - се игри кои се изведувале за христијанскиот празник Велигден во с. Горечница во Порече. Тие како дел од архаичната култура имаат големо значење за зачувувањето на културното и фолклорното наследство на Р Македонија. Велигденските игри поврзани со празникот Велигден, обновата на природата и новото раѓање, а со постапките и песните со кои се проследени се изразуваат низа верувања кои се однесуваат на плодноста, заштитата и благосостојбата.
Потекло и територија
уредиВелигденските игри од Порече се бележат како единствени во својата комплексна и целовита структура. Но, исто така треба да се истакне дека некои од игрите се изведувале и во другите делови на Македонија, за што сведочат записите на истражувачите особено од постар датум (средината на дваесеттиот век), кога на некој начин започнува и напуштањето на оваа традиција. Според Даница и Љубица Јанковиќ Велигденските игри пред Втората светска војна се изведувале и во селата Тополница и Долни манастир Кичевско на вториот ден Велигден.
Играта „Зет и невеста“ се среќава во записите на Милан Ристески од Гостиражди, Прилепsко, а и во повеќе варијанти во останатите села на Порече, во Кичевските села, но и во Охридското село Завој. Македонскиот драмски писател Васил Иљоски најдетално ги истражувал варијантите на оваа игра споредувајќи ги со сличните игри што се среќаваат во Македонија и во Балканското окружување. Велигденските игри претставуваат еден комплексен жанр, во кој ги среќаваме верувањата, пеењето и играњето, кои се испреплетуваат меѓусебно во единстен спој.
Опис на игрите
уредиПразнувањето на Велигден во минатото во Порече се разликувал од оваа вообичаена практика.
Првиот ден започнува со одењето во црква на постарите мажи кои со себе го носат второ бојадисаното јајце, по завршувањето на литургијата тие се кршат со јајцата во црковниот двор. Жените пак постари и помлади ги земаат од дома приготвените јадења за Велигден и одат со кошници на гробишта, а предходно навраќаат во црква да запалат свеќа, оставајќи ги кошниците пред црквата. Потоа одат на гробишта за да ги посетат мртвите.
Во Порече првиот ден Велигден се руча во кругот на семејството и не се оди никаде на гости. На приквечерина се собира собор и се пеат Велигденски песни[1] и се играат ора. Вториот ден мажите одат по ракија низ селото и тие се викаат „ракијари“ или „ракиџии“, по патот од куќа на куќа пеат „славски“ песни.
Интересно е дека на вториот ден Велигден се играла играта „Камила“. Таа е слична на играта „Џамала“ која е позната и на поширокиот балкански ареал во различни варијанти, а се изведува од Божиќ до Водици. Во суштина играта на шеговит начин ја прикажува селската свадба. Во неа учествуваат млади мажи или ергени, облечени во искината алишта и со исцрнети лица, со ѕвонци и клопотарци ставени олколу појасот. Покраj нив во играта учествуваат: невестата, младоженецот, камилата и попот. Напред оди камилата, по нив невестата и зетот и најодзади попот. Кога застануваат во некоја куќа попот го врши обредот на венчавање на зетот и невестата и кога ќе заврши обредот тие си тргнуваат од куќата, а другите момци од селото се обидуваат да ја грабнат невестата. На третиот ден Велигден народот во Порече го испраќa Велигден со песни и игри.
Младите жени и девојки кога излегуваат од своите куќи за на собор уште од портите започнуваат да ја пеат песната за испраќање на Велигден: „О леле, леле, Велигден...“ Попладне на соборот, покрај велигденските песни и орски игри се играат и друштвени игри (гачки).[2] Според содржината тие се различни ги има шеговити, статирични, жални и други. Игрите кои се изведуваат во овој крај се следните: „Кален број, мален број“, „Лази, лази бубале“, „Зет и невеста“, „Ѓуро, Маро, Вележано“, „Дељо мори дељо“, „Бајраче“, „Змија“, „Јуници“, „Шутрачиња“, „Маски“, „Пилци“, „Благо месо“, „Слепо коло“ и „Самовили“.
- „Кален број, мален број“ - е Велигденската игра која симболично ја прикажува вечната обнова на животот. Во играта учествуваат само млади жени и девојки. Тие се редат две по две држејќи се за крпче распоредени една спрема друга во редица. Редицата може да брои до 50 пара, последниот пар се „провира“ под рацете на другите парови, а при поминувањето жените од редицата ги удираат по грбот. Кога ќе ја поминат редицата се наредуваат напред, така во оваа игра се изредуваат сите девојки и млади жени од селото за здравје еднаш до два пати, за тоа време тие пеат: „Пиши пиле, долно поле/ кален број, мален број/ Каленцице, маленчице/ Род родила јаболкница,/ Од род ми се искршила.“ При што се именуваат имињата на тие играчи, кои се провлечуваат.
- „Лази, лази бубале“- е игра во која е одразена лошата состојба на сирачето. За оваа игра како и за претходната девојките и младите жени се редат две по две, рацете ги вкрстуваат така што со нив прават столче. По рацете на редицата поминува машко дете – сираче, додека тоа поминува по рацете се пее: „Лазај лазај Бубале,/ Да долазиш до мене/ Ако паднеш не кажуј/ На мајке ти, на татка ти/ Ако паднам не жалам, не жалам, /Кад сум клето сираче/ За сираче кој плаче, кој плаче./“
- „Зет и невеста“- играта ја играат девојки преоблечени во машки алишта, а го претставува просењето на девојката, низ дијалог и со шеговит тон. Учесниците (девојките) се редат во две редици една наспроти друга. Насредина во едната редица е невестата која е подотерана и забулена, а од спротивната страна на редицата е момчето- зетот. Момчето е девојка облечена во машки алишта. Меѓу двете редици се сејмените (девојки преоблечени во машки алишта) кои се испраќаат од страната на зетот како стројници да ја бараат момата т.е. невестата од нејзините родители. Играта се одвива со дијалот проследен со песната на сејмените, момчевата и невестината рода. Најпрвин сејмените прашуваат: „Отпрати не, допрати не/ Наш војвода, наш кадија/ и нашиот јазаџија,/ Да н' да'дете малој моме,/ И со моме кондур вино, / И румена медоина, бр'ој!/“ на што страната на невестата одговараат: „- Ој вас два питача,/ Два питача два просјака, / Два левjвена, два сеjмена,/ Ќе да'еме малој моме/ и со моме кондур вино,/ И румена медоина, бр'ој!/ ќе дадете киска цвеќе.“ Сејмените ја пренесуваат пораката: „Не радуј се наш војвода,/ наш војвода, наш кадијо,/наш кадијо, наш јазџијо,/ не даваат малој моме,/ и со моме кодур вино,/ и румена медоина- број,/ Ни сакаат киска цвеќе.“ на што момчевата фамилија возвраќа: „Ој вие вас два питача,/ Два питача, два просјака,/ Два лејвена, два сејмена,/ Ќе да'еме што сакаат,/Ќе да'еме киска цвеќе,/Да земеме малој моме,/ И со моме кодур вино,/ и руменџа медоина- број“. Така пораките се редат една по друга, а од страната на момчето се бара: лиан ѓердан, свилен каврак и др. Но, вообичаено е дијалогот да се повтоти три пати со одбивање на сејмените, по што четвртиот пат страната на невестата се согласува да ја даде момата со одредени дарови со зборовите: „Ој вие вас два питача,/ два питача, два просјака,/два лејвена, два сејмена,/ не даваме малој моме,/И со моме кондур вино,/ И руменџа медоина – број/ Дур песна да испеете.“ По што сејмените пеат: „Среќа врана карала,/зошто не си орала,/ орала сум орала,/ Али не се родило, /отвори порти девојче,/ Отворено јуначе“. Сејмените је земаат невестата и ја водат во момчевата куќа, испраќајќи ги од кај девојчето пеат: „Ви го дадовме, ви го дадовме,/ Најлошото моме,/ Това незнаит, това незнаит/ Леб да замесит,/ Това незнаит, това незнаит/ Гла'а да се измиет/ Това незнаит, това незнаит/ Дете да капет,/ Това и капе, това си капе, / неразвиено.“ На ова од кај момчето пеатː „Ќе го учиме, ќе го учиме,/ Ќе го научиме/ Ќе го научиме леб да занесит/...“
- „Ѓуро, Маро, Вележано“ е трагична друштвена игра во која учествуваат девојќи и помлади жени. Во неа е прикажан печалбарскиот живот, односно мигот на неговото трагично враќање во родниот крај. По него тажат – „укаат“ неговите блиски, сестрата и жената. Девојките кои учествуваат во играта се фаќаат во коло држејќи се за раце. На среде колото стојат две девојки кои ги претствуваат сестрата и невестата а печалбарот. Тие се забулени и со наведнати глави го плачат печалбарот (укаат). Наредените девојки во колото ги претствуваат селаните од селото кои се сведоци на загинувањето на печалбарот. Тие пеат: „Ете иде Ѓуро, маро,/ Ѓуро, маро, Вележано,? На мост дојде под мост падна,/ Под мост падна на нож удри./ На овие зборови сестрата и невестата почунуваат посилнио да плачат – да укаат у...у...у.... и да плескаат со раце. Девојките од колото продолжуваат да пеат: „ Ќути Маро не ми плачи,/ Ете Ѓуро каде идит,/ кај ти носи голем бакшиш,/ Голем бакшиш свилен фустан,/“ Сестрата и невестата продолжуваат да укаат. Девојќите пеат: „Ќути Маро не ми плачи,/ Ете Ѓуро каде идит,/ кај ти носи голем бакшиш,/ Голем бакшиш чифт кондури,/ Чифт кондури, свилен каврак,/ така играда продолжува со нови играчи во улогите на сестрата и невестата .
- „Дељо мори Дељо“ е друштевена игра во коај се исмева стар ерген. Невести и девојќи се фаќаат во оро, а Дељо (девојка преоблечена во машко) оди со еден стап на кој има заврзана „бришка“ (крпа за чистење црепни). Ја запалува и и приоѓа на секоја девојка потчурувајќи ја. Секоја од девојките ја погледнува под шамијата и ја погалува. На овој начин Дељо ја избира најубавата во танецот. Во тој момент девојките пеат: „Дељо , море Дељо цареа (незнаеана) делијо,/ Да си вредно пушка би купило,/ да би не носило пушка боздоица./ Дељо , море Дељо цареа делијо,/ да си било арно би се оженило./ Потоа Дељо влегува меѓу девојкките и граба една од нив, останатите трчаат по него за да му ја отмат девојката, за сето време се пее наведената песна.
- „Бајрачето“ е игра во која момите се натпреваруваат за барјакот направен од црвена шамија. Учесниците во играта младите моми и невести се наредуваат во збиени редови една до друга, напред е барјактарот девојка која го држи бајракот, последните две моми од орото се натрчуваат со двете страни на редицата која ќе успее побрзо да стата до бајракот. Онаа мома која ќе успее да го грабне е следниот бајрактар. Пред да почнат со натрчувањето се удираат со раце и велат: „Сега да видиме кој ќе бајрак земете.“ Останатите од танецот пеат, именувајќи ги момите кои се натрчуваат. „Сега да видиме./ Кој е метил, пасло,/ Зелени ливаѓе. Цветаметил пасло,/ Зелени ливаѓе,/“ Со оваа песна се бие шега со онаа мома која нема да го земе бајракот.
- „Змија“ или „коноплика“ е велигденска игра со која алегорично се исмева мрзливата жена, предачка. Во оваа игра се среќаваат елементи на култот на змијата, бидејќи истата е посветена на неа и на можните штети што таа ги прави на луѓето и на стоката. Во оваа игра учествуваат скоро сите жени и девојќи од селото нафатени една до друга се држат под рака или за појас. Колото (орото) ја претствува нивата со коноп, во колото е и девојката шти ја игра улогата на змија. Надвор од орото се две жени кои имаат улога на мајка и ќерка, тие се сопственици на конопот и го бранат од дивината. Мајката божем преде коноп, а ќерката оди по неа. Тие го обиколуваат орото неколку пати, при што мајката извикува: „Уја... а...а..., коноп брана, коноп преда,/ кошула ми над колено.“ Змијата пак крадешкум ја укасува девојката што ја игра улогата на керката и таа почнува да вика по мајката што не ја одбранила од лутата змија: „Леле мајко, љута змија,/ Љута змија ме укаса,/ Танко и високо.“ Потоа меѓу себе си го менуваат улогите ќерката ја зема фурката од мајката и го брани конопот. За тоа време девојките од колцето пеат:„Израсла ми коноплика, танка ем висока,/ Среде трло овчарово./ офчар кафал го кршеше, /коноплика е градеше, /Танко ем високо./(...)Леле мајко љута змија,/ Љута змија ме укаса,/Танко ем високо,/ Буцни керко извади ја,/ танко ем високо./ Еве керко, ништо нема,/ Мила керка си киниса,/да е брани коноплика,/Танко ем високо./“ Во тој момент се згуснува орото, а предилката и ќерката се обидуваат да влезат во колото и да ја фатат змијата. Во тој момент змијата успева да избега. Така играта се повторува неколку пати. Секогаш змијата е друга жена.
- Во играта „Јунци“ е претставено шеговитото орање на земјата од страна на мрзливиот орач. Од орото се изделуваат: пет жени една го претставува орачот, две јуниците, а останатите се бабата и орачот. Орачот се обраќа кон бабата: „Шеталика, металика,/ Црвена боболка, / Дрен бабо да јадам?/ Бабата одговара: „Уште старец не е готово“. Орачот се враќа да поора уште малку подоцна пак и се обраќа на бабата со истите зборови, сега бабата му одговара дека јадењето е готово: „Еве ова печиво,/Другоно е бакрданик, /ова е питулица,/ Ова е кора на кора/ И два глувци здола.“ Орачот се налутува „Ујт магарице низаедна“, започнуваат да се тепаат, а играчите од орото ги бранат. Во играта орачот и бабата се изменуваат по неколку пати.
- „Шутрачиња“ оваа игра ја играат деца распоредени во круг. Тие се шутрачуњата. На секое шутаре стои по една девојка која го чува шутарето и стеде колцето стои една девојка, таа е нарекува „сандаџија“ т.е. таа е домаќин на шутарињата. Со крпа во рацете таа ги повикува девојките секоја да застане зад своето шутаре: „Санда, санда, санда, секоја пата на шутаре“, при тоа девојките оптрчуваат три пати околу шутарињата и застануваат над нив. Потоа сандаџијата оди до секое шутаре и вели: „Кај ти се фустанчињата, што ти ги дадов за шутарето?“ Таа одговара: „Ги искинав, ги врлив на топола.“ При пазарењето сандаџијата го удира секое шутаре со два прста по главата велејки му : „Ошин дошин, три кокошки, смрдена пастрма“ со цел да го опроба шутарето дели е добро. Прашањата што ги поставува сандаџијата можат да бидат различни, а откако ќе заврши дијалогот сандаџијата прашува: „Зошто не си го дочувала?“ По што сандаџијата почнува да ја брка девојката, која се пазари удирајќи ја со крпата. Тие се натрчуваат сè додека едната не дојде побрзо до шутарето кое останало без чувар. Таа што ќе остане без шутаре станува сандаџија.
- „Маски“ таа е една од најубавите игри во овој крај во неа покрај млади девојки и невести учествуваат и постари жени и мажи. Маските се помладите девојки и жени, додека постарите се чувари. Маските се фатени за раце, една до друга за појас во редица. Сражарите на маските во рацете држат дренови стапови. Воѓата го води ергелето со маски на пасење. Но треба да добие дозвола за престој таму од власта, Власта ја претствуваат неколку постари мажи наседнати на едниот крај на соборот, додека на другиот крај се наседнати постари жени кои ги претствуваат ковачите и пред себе имаат ковачки прибор од камени дрвен чекан. Кметовите бараат од воѓата писмена дозвола да поминат маските, воѓата им покажува и меѓу нив се развива дијалог околу маските, при што кметовите сакаат да ги пробаат и да ги купат, а воѓата не дозволува, потоа кметовите се обидуваат да ги грабнат но, стражарите не им дозволуваат бранејќи ги маските со дреновите стапови. Потоа воѓата ги води маските на потковување каде девојките маски што се потковаат го имитираат р'жењето на маските кога ги боли, тогаш клоцнуваат еден од ковачите по што тој паѓа и настанува општа смеа. Кметовите повторно се обидуваат да ги грабната маските, а жените стражари и понатаму маваат со стаповите. Така играта се повторува неколку пати.
- Играта „Пилци“ е слична со предходната. Овде жената што ги предводи пилците се нарекува „квачка“, а останатите млади девојки и жени наредени зад неа се викаат „пилци“. Младите ергени се обидуваат да грабната некоја до девојките „пилци“, а квачката ги брани.
- Во играта „Благо месо“ учествуваат само млади жени и девојки или само млади мажи и ергени. Играчите се наредуваат во коло, распоредени еден до друг. На среде колото стои еден играч кој го претствува благото месо и неговиот чувар. Играта започнува и сите играчи се обидуваат да дрпнат од благото месо додека чуварот го брани. Секој од играчите се брани да не биде удрен од браначот, затоа што тој што ќе биде погоден станува благо месо, а оној што бил благо месо станува бранач.
- Во играта „Слепо коло“ учествуваат млади жени и девојки наредени во круг околу една ортома во средината е една од нив (мазгата) на која и се врзани очите. Кругот се завртува неколку пати за да ја загуби трагата на мазгата која ги бара играчите. Таа треба да допре еден од играчите и да погоди за кого станува збор. Кога ќе го погоди играчот ги заменуваат местата.
- Со играта „Вили самовили“ се затвора велигденскиот собор. Девојките и помладите жени се распоредуваат на четири страни по четири, потоа тргнуваат полека едни кон други сменувајки си ги своите места при што пеат „Вили самовили,/Пуштете го Марка,/мене земете и...и...и/Марко мој стопане.“
Нематеријално културно наследство
уредиНематеријалното културно добро "Велигденски игри во Порече" е прогласено за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.Објавено во Службен весник на Р.М. бр:150/2019 од 23.07.2019 година.
Литература
уреди- Арнаудов Михаил , 1972, „Кукери и Русалии“, Студии върху българските обреди и легенди, кн. 2, София, 96-97;
- Иљоски Васил, 1970, Варијанти со свадбени мотиви во фолклорниот комплекс обред, песна, игра и драма, МАНУ, Скопје;
- Иљоски Васил, 1948, Македонски народни песни, Скопје;
- Јанковиќ С. Љубица и Јанковиќ С.Даница, 1934, „Драмско комичне народне игре са говорним дијалозима “, Народне игре кн. 4, 40-41;
- Јанковиќ С. Љубица, 1940, „Народне игре у Кичеву и околини. Великден.“, Гласник Етнографског музеја Београд, Том XV, Београд, 102;
- Kajoa Rože, 1965, Igre I ljudi, Nolit, Beograd,
- Кличкова Вера, 1957, „Велигденски обичаи во Порече“, Гласник на Музичко конзерваторско друштво НРМ, 11, Скопје;
- Petrovska - Kuzmanova Katerina, Teatarskite elementi vo folklorot, Институт за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје, 2006,
- Ристески Милан, 1961, „За велигденските обичаи и песни од Мариово и Прилепско“, Стремеж VII, 1, 62-77,
- Чајкановиќ Веселин, 1924, Студије из религије и фолклора, Српски Етнографски зборник, кн. XXXI, Београд.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уредиНаводи
уреди- ↑ ДЕЛ ОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПЕСНИ И ИГРИ ВО ПОРЕЧЕ Во изведба на Ансамбл Македонија ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ИГРИ ВО ПОРЕЧЕ СЕ ПРОГЛАСЕНИ ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ВО... | By Убавините | Facebook, Посетено на 2023-11-25
- ↑ Sinadonovski, Deni (2018). „ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ОБРЕДНИ ИГРИ ОД ЕТНИЧКИОТ ПРЕДЕЛ ПОРЕЧЕ И НИВНИТЕ ЕТНОКОРЕОЛОШКИ КАРАКТЕРИСТИКИ“. Yearbook - Faculty of Music Art (англиски). 5 (5): 149–154. ISSN 1857-8659.