Вевчански случај

случувања на протести во август 1987 година во Вевчани

Вевчански случај или Вевчански протести — случувања на протести и судири со политичката власт и органите на редот во август 1987 година во Вевчани поради плановите за земање вода од Вевчанските извори за водоснабдување на селото Октиси и населбата Елен Камен, кои добиле доста широки општествено-политички импликации поради што се сметаат и како своевиден израз на незадоволството и дисидентството кон тогашната социјалистичка власт и борбата за демократски реформи.

Причини

уреди

Кон крајот на ХХ-от век, во времето додека Македонија сѐ уште била дел од СФРЈ, во селото Вевчани се случиле протести околу планот за водоснабдување на соседното село Октиси со вода од Вевчанските извори[1]. Вевчанскиот случај е случај од 1987 г., кога тогашната власт имала намера да ги каптира Вевчанските Извори, под изговор дека носи вода за жителите од соседното село Октиси, а всушност, имала намера водата да ја користи за елитната викенд-населба Елен Камен, каде што се наоѓале вилите на тогашните челници на власта. На тоа се спротивставиле жителите на Вевчани со поставување на барикади не се дозволило да се постават водоводните цевки.

Протести и судир со милицијата

уреди

Покрај согласноста на двете месни заедници на Вевчани и Октиси, ноќното приклучување на водата од Вевчанските извори за Октиси на 25 мај 1987 не било извршено, бидејќи се случило организирано и насилно спротивставување на дел од населението на Вевчани претежно постари лица, деца и жени[2]. Покрај напорите за надминување на ситуацијата, проструените информации дека со водата од Вевчанските извори ќе се снабдуваат и Струга и туристичката населба Елен Камен, а Вевчани при вода ќе остане без неа, попусти биле напорите на организациите на ССРНМ во разубедување на населението и градежните активности биле повлечени.[2]

По извршените проценки и подготвителни активности на властите и вклучувањето на можноста за употреба на сила од органите на редот, доколку повторно се пројави насилен организиран отпор било решено работните активности за поврзување со вода на селото Октиси од Вевчанските извори да започнат на 6 август 1987.[2] Меѓутоа на 6 август 1987 работниците на ГРО „Бетон“ на влезот на селото Вевчани биле пречекани од 500-600 жители кои направиле барикада со дрва и камења и носејќи слики од Јосип Броз Тито извикувале „Животот го давеаме, вода не даваме“ и „Животот го даваме, од Вевчани не бегаме“, а со себе носеле стапови, земјоделски алати и други предмети и покрај повиците на припадниците на СВР Струга да го напуштат местото, тие не го сториле тоа.[2] Во текот на денот во Вевчани имало голема раздвиженост на жителите и нивно групирање на местото каде требало да се изведуваат градежните работи, а неколкупати се огласила и црковната камбана со цел да го повика граѓаните да се дособерат и да ги попречат градежните работи.[2]

Немирите ја достигнале кулминацијата на 7 август 1987 г., кога интервенирале специјални полициски сили, кога за првпат во тогашна Југославија биле употребени „електрични пендреци“.[3] Имено, идниот ден, 7 август 1987 година околу 10 часот, 23 работници повторно биле попречени од група на 500-600 жители на Вевчани, кои поставиле 5 барикади од влезот до центарот на селото, при што морала да интервенира полицијата со електрични и гумени палки што довело до судир со жителите при што биле повредени 23 жители и 11 милиционери, 19 жители на Вевчани (од кои 3 жени) биле приведени[2]. Покрај собирот и штрајкот со глад на група младници и испратените телеграми до раководните органи на републичко и сојузно ниво, заклучно со 18.08.1987 градежните работи биле завршени, а водата од Вевчани кон Октиси конечно протекла[2].

Општествени и политички импликации

уреди

Овие настани ја разбранувале пошироката македонска и југословенска јавност и општество, а добиле и (необично) пошироки димензии и политички импликации[1]. Месната заедница на с.Вевчани примила телеграми со поддршка за демонстрираниот отпор, околу овие настани било поставено и делегатско прашање до Собранието на СФРЈ, а и било напишано и протестно писмо од Друштвото на словенечките писатели до организацијата и учесниците на 26-те Струшки вечери на поезијата[2] при што за сево ова тогашните власти го обвиниле организираното дејствување на групи поединци од Вевчани од самото село и некои кои живееле во другите републики (пред сè во Словенија)[1]. Некои аналитичари овие протести во Вевчани ги сметат и како своевиден израз на незадоволството и дисидентството кон тогашниот социјалистички режим и борбата за демократски реформи[1]. Покрај славната и непокорна историја на Вевчани уште од времето пред и за Илинден, по овие настани доаѓа и до симболичното протестно самопрогласување на „држава Вевчани“ (република) со свои пасоши и пари (тнр. личници) кои денеска се туристичка атркација позната за Вевчани[1]. На сретселото во Вевчани и денес постои плоча каде се запишани имињата на сите тогашни челници со натпис „бог да ги убие предавниците“.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Шаревски, Марио (2014). „Етничкиот состав на населението околу водните извори како внатрешна безбедносна закана во Македонија“ (PDF). Безбедносни дијалози (англиски). Скопје: Филозофски факултет. 5 (2): 51–72. ISSN 1857-7172.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 „Настаните во врска со решавањето на заедничкото водоснабдување на населбите Вевчани и Октиси“. Преглед на активностите на општествено-политичките организации на СР Македонија. Скопје: ССРНМ. 32 (9): 10–15. 1987.
  3. Зошто Вевчани и вевчанци се толку често интересни за медиумите, новинарска лекција од Веле Митаноски, Сервис за проверка на факти од медиумите (08.10.2014.)