Ванчо Јосифовски (Тетово, 1984Тетово, 19 октомври 2002) е жртва на албанскиот тероризам.[1] На 19 октомври 2002 година додека играше кошарка со своите пријатели во Тетово, беше убиен осумнаесетгодишниот матурант Ванчо Јосифовски. Овој настан длабоко ја вознемири јавноста. По тој повод Средношколската унија на Македонија на 23 октомври организираше „Марш за запирање на насилството и осуда на убиството“ во повеќе градови низ државата. Со повеќе од 30 илјади учесници тоа беше најмасовен граѓански собир.

Случај Ванчо Јосифовски

уреди

Јосифовски беше застрелан во саботата, на 19 октомври 2002 во 18.15 часот, кога вооружени лица од возило „опел аскона“ со швајцарски таблички во движење пукале во група младинци кои играле кошарка на ул. Благоја Тоска, спроти стариот градски стадион во Тетово. Злосторниците притоа потешко го повредиле Душко Бибиловски, роден во 1973 година, и полесно Небојша Стојановски, роден во 1984 година. Возилото, по повеќето истрели од автоматско оружје врз момчињата, избегало во непознат правец. Полицијата изврши увид на местото на настанот во придржуба со НАТО "Килибарните лисици" и ОБСЕ, и трага по сторителите на овој чин.

Групата од околу 25 до 30 деца и тинејџери на возраст од 8 до 13, 15 и 18 години и неколкумина луѓе од 28 до 40 години играле кошарка на импровизираното кошаркарско игралиште во овој реон на Тетово, на оддалеченост од неколку стотини метри од дислоцираниот полициско-армиски пункт.

Еден од очевидците на морничавиот настан ни изјави: „Бевме пред крајот на играта и јас забележав возило „опел аскона“ со бела боја и со швајцарски регистарски таблички. Тоа доаѓаше кон стадионот на нашето кошаркарско игралиште од правецот на касарната на АРМ. Кога возилото се доближи до нас, на улицата, на оддалеченост од 10-ина метри, во него видов на предните седишта две лица, а не знам дали одзади имаше и други. Возачот ја подзапре брзината и тогаш, додека „асконата“ се движеше полека, неговиот совозач го отвори прозорецот, извади автоматска пушка и со поединечни, но брзи истрели испука 10 до 15 куршуми кон децата и се вдаде со голема брзина во бегство во непознат правец“.[2]

Очевидецот вели: „Иако беше веќе квечерина, забележав дека лицето што пукаше оган беше црномурен маж со помала брадичка, на возраст од 40 до 45 години. Децата на игралиштето беа како на стрелиште, бидејќи зад нив имаше само ѕид и тие немаа каде да бегаат. Се пукаше во висина на нивните тела и се случуваше во временски интервал од само нецела минута. Сите исполегнавме долу, а најпрвин ги соборивме на асфалтот најмалите дечиња и другите, бидејќи, во спротивно, можеа да загинат и некои од нив. Погодените врескаа облеани во крв“.

Осомничен за убиството е Бурханедин Нухија, припадник на ОНА.[3]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Ванчо Јосифовски го убила албанска терористичка банда“. Утрински Весник. 16 октомври 2006. Посетено на 2015-01-21.[мртва врска]
  2. „Убиен матурант додека играл кошарка“. Вест. 21 октомври 2002. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-01-21.
  3. „Уапсен убиецот на Ванчо Јосифовски“. Вечер. 31 декември 2005. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-01-21.