Википедија:Пет столба
(Пренасочено од ВП:5)
Сите правила и насоки на Википедија се базираат на основните пет столба кои го одредуваат карактерот на Википедија:
- Википедија е енциклопедија која во себе вклучува елементи на општите енциклопедии, специјализираните енциклопедии и алманаси. Википедија не е обична збирка на податоци. Таа не е колекција на изворни документи, ниту тривијалности, ниту речник, весник, ниту експеримент за анархија или демократија, ниту пак веб директориум. Википедија исто така не е место за пласирање на лични мислења, искуства или аргументи – сите уредувачи мора да ја почитуваат политиката без оригинално истражување и да тежнеат кон точност.
- Википедија има неутрална гледна точка, што значи дека таа тежи кон создавање на статии кои не застапуваат поединечна гледна точка. Ова понекогаш бара претставување на повеќе гледни точки; точно претставување на секоја гледна точка; давање можност за претставување на секоја гледна точка, за да читателите имаат можност да разберат чија гледна точка се претставува; и непретставување на било која гледна точка како „вистина“ или „точна гледна точка“. Тоа подразбира наведување на проверливи, меродавни извори секогаш кога тоа е можно, посебно во контроверзните статии. Кога ќе дојде до спор околу тоа која верзија е најнеутрална, прогласете примирје и маркирајте ја статијата дека нејзината неутралност е оспорена; деталите околу расправата водете ги на соодветната страница за разговор и постапете според постапката за решавање на спорови.
- Википедија е слободна содржина која секој може да ја уредува. Сиот текст е достапен под т.н. ГНУ Лиценца за слободна документација -{(GFDL)}- и може да се дистрибуира или поврзува во согласност со оваа лиценца. Имајте предвид дека статиите може секој да ги менува и дека никој не контролира ниту една статија; според тоа, сè што првобитно ќе уредите може да биде немилосрдно уредувано и дистрибуирано по воља на заедницата. Не ги кршете авторските права или делата кои се лиценцирани на начин кој не е во согласност со ГЛСД лиценцата.
- Википедија има правила на однесување: Почитувајте ги другите Википедијанци дури и кога не се сложувате со нив. Останете цивилни. Избегнувајте лични напади и претерани генерализирања. Останете прибрани кога ќе дојде до вжештување на атмосферата при уредувањето; избегнувајте глупави уредувачки војни, следете го правилото за три враќања и имајте предвид дека Википедија на македонски јазик има 146.662 статии на кои може да работите или да расправате за нив. Постапувајте според начелото на добра волја така што никогаш нема да ја нарушите Википедија за да докажете нешто и претпоставете добра намера кај останатите уредувачи. Бидете отворени, не бидете исклучиви и на сите посакајте им добредојде.
- Википедија нема цврсти правила освен овие пет општи принципи. Бидете храбри при уредувањето, преместувањето и менувањето на статиите затоа што задоволството во уредувањето се состои токму во тоа, иако треба да се тежнее кон совршенство, совршенството не е неопходно. И не грижете се дека нешто ќе уништите. Сите претходни верзии на статиите се чуваат, така што не постои начин ненамерно да ѝ наштетите на Википедија или неповратно да ја уништите нејзината содржина. Но имајте на ум дека што и да напишете овде, можеби ќе биде сочувано за секогаш.