Визир (фотографија)
Во фотографијата, визир или барало е отворот низ кој гледа фотографот при композиција и фокусирање на сликата. Највеќето визири се засебни и се подложни на паралакса, додека посложените рефлексни фотоапарати му овозможуваат на визирот да го користи главниот оптички систем. Визирите се користат во најразлични уреди за снимање: фотоапарати, видеокамери, филмски камери, како аналогни, така и дигитални. Зум апаратите обично го приближуваат (зумираат) визирот истовремено со објективот, со исклучок на далечиномерот (телеметарот)[1].
Визирот може да биде оптички или електронски. Оптичкиот визир е практично обратен телескоп поставен да гледа тоа што го гледа апаратот. Тој има многу недостатоци, но има и две големи предности; не троши струја, и има „полна резолуција“ (т.е. резолуцијата на окото на фотографот). Електронскиот визир е приказен уред на принцип на катодна цевка (CRT), течнокристален екран (LCD) или органска светлечка диода (OLED), иако првоспоменатиот денес се користи ретко заради неговата тежина. Покрај оваа главна намена, електронскиот визир се користи за прегледување на претходно снимен материјал, и за прикажување на екрански испис за прегледување на менијата.
Неретко се случува еден апарат да има два визира. На пример, еден дигитален фотоапарат може да има оптички визир, покрај електронскиот. Електронскиот може да се користи за прегледување на снимен материјал, за гледање на екрански испис, и може да се исклучи за да се заштеди струја. Една видеокамера може да има два визира, обата електронски. Првиот се гледа увеличен низ прозорче, и бидејќи е обрабен со гума, низ него се гледа совршено, дури и при силно светло. Вториот визир е поголем, со повисока резолуција, и може да биде поставен странично на камерата. Бидејќи троши повеќе струја, овој визир има копче за исклучување како би се заштедило на батерии.
Извесни специјализирани камери воопшто немаат визир. Вакви се веб-камерите и камерите за видеонадзор. Тие користат надворешни монитори кои играат улога на визир.