Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо

македонска народна песна

Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо — македонска патриотска народна песна која датира од времето на Отоманското Царство.

Изведба на песната

уреди

Песната се изведува во мешан дует, но може да се изведува и соло. Напишана е како дијалог од четири строфи од кои првите три ги изведува машки вокал (при изведба во дует).

Интерпретација и снимки

уреди

Песната е изведена и снимена од бројни популарни пејачи на народна музика во Република Македонија, во поранешна Југославија и во целиот балкански регион. Постојат поп, рок, џез верзии, па дури и класична верзија. Познати се изведбите на Анка Гиева, Виолета Томовска, Есма Реџепова, Тоше Проески, Горан Бреговиќ, Азра, Даница Обрениќ, Лаза Ристовски од Бијело дугме и др.

Филмови

уреди

Песната е искористена во филмовите: Аризона дрим од Емир Кустурица и во Борат: културни лекции за Америка за придобивки на славната нација на Казахстан (иако нема врска со музиката од Казахстан).

Содржина

уреди

Текстот на песната е на македонски јазик со турски архаизми.

Тоа е приказна за отомански великодостојник кој ѝ свири и пее серенада со тамбура на младата црномурна македонска девојка Анѓа (изведено име од Ангелина). Тој бара таа да се мажи за него и ѝ ветува богат и лесен живот со многу жолтици и бисери само да ја смени верата и да стане анама во неговиот харем. Девојката гордо и пркосно ги одбива неговите понуди велејќи дека нема да стане анама.

Текст

уреди
Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо,
што тамбурата свири.
Тамбурата свири, калеш бре Анѓо,
анама да бидиш.
Анама да бидиш, калеш бре Анѓо,
на чардак да седиш.
На чардак да седиш, калеш бре Анѓо,
жолтици да броиш.
Жолтици да броиш, калеш бре Анѓо,
бисери да нижиш.
Бисери да нижиш, калеш бре Анѓо,
на грло да редиш.
Ајде, слушај, слушај клето бре Турче,
анама не бивам.
Анама не бивам, клето бре Турче,
турски не разбирам.

Вистинската Калеш Анѓа

уреди

Усното предание говори дека песната се заснова на вистински историски настан во регионот Мариово, поточно во селото Старавина.[1] Според истото, Калеш Анѓа за да избегне насилна исламизација извршила самоубиство скокајќи во провалија.

Калеш Анѓа во книжевноста

уреди

Вдахновен од оваа приказна писателот Стале Попов во 1958 година го напишал романот Калеш Анѓа.

Аудио записи

уреди

Наводи

уреди