На горниот дел од мезосферата се надоврзува слој каде значителен дел од гасните молекули се наоѓаат во јонизирана состојба, поради нивната изложеност на сончевото зрачење и другите космички зрачења. Од овие причини, овој слој е познат како јоносфера и неговата маса е 5% од вкупната маса на атмосферата. Воздухот во неа е мошне разреден, а небото е потполно темно, бидејќи сончевите зраци не се одбиваат од разредените воздушни честички и јони.

Врска помеѓу атмосферата и јоносферата

Јоносферата има рефлектирачка улога при простирањето на електромагнетните бранови со голема бранова должина, односно со честота од редот на kHz. Оваа околност е искористена за обезбедување на радиоврски на поголеми растојанија. Брановите кои се рефлектираат од јоносферата се радиобранови од електромагнетниот спектар и тоа од подрачјата: VL (Very Low), LF (Low Frequency), MF (Medium Frequency) и HF (High Frequency). Во однос на пропагација на радио бранови, јоносферата има четири различни зони: D, E, F1 и F2. Во текот на денот постојат сите четири нивоа, додека ноќе F1 и F2 изгледаат како споени, а D и E воопшто не постојат. D се протега 75-90км над земјата и истото има мал удел во патеката на радио брановите, односно ги ослабнува HF брановите кога патеката на пренос е во сончеви региони. E се протега 90-130км и се користи за HF радио пренос. Во текот на ноќта неговиот интензитет се намалува и станува некорисен за пренос на радиобранови. F1(200–250 km) и F2(250–500 km) кои се добро дефинирани во текот на денот, а во текот на ноќта формираат едно F ниво. Ова ниво е константно јонизирано поради најголемата изложеност на сончено зрачење и се користи за радио комуникации со голем опсег.