Јожеф Велкер (5 декември 1912 – 29 ноември 1995)[1] бил поранешен српски фудбалер и бил еден од најважните играчи во историјата на ФК Војводина.

Почетоците на животот

уреди

Јожеф е роден во град кој во најголем дел бил населен од германско малцинство по име Шове (денес познат како Равно Село) во Војводина. Во период кога Војводина била во состав на Австроунгарија. Јожеф растел во богато латифундијално семејство. Студиите на колеџ ги завршил во Нови Врбас и наскоро потоа започнал да ја покажува својата страст кон фудбалот. При посета на земјоделскиот саем во 1929 година во Будимпешта, тој имал можност да настапи на својот прв фудбалски натпревар одигран меѓу Унгарија и неговата земја во тоа време Кралството Југославија.[2]

НАК Нови Сад

уреди

Во 1931 година тој се запознал со една американка по име Кети која била во посета на нејзиното семејство во Шове, и тој се оженил со неа. Истата година неговите фудбалски вештини ги забележале извидниците (скаутите) на екипата на НАК од Нови Сад. Дошол во тимот и веднаш започнал да настапува во истиот. Од ФК Војводина, градските ривали на екипата на НАК, веднаш започнале да ја следат новата ѕвезда во составот на НАК. Бркотницата околу тоа кој ќе ги добие услугите на Велкер помеѓу двата тима траеле цели 6 години. Интересен бил фактот што, Велкер секогаш имал одлични настапи против екипата на Војводина и како последица на тоа, наместо да биде омразен помеѓу навивачите, поради неговата правичност и џентлменски карактер, тие сѐ повеќе започнале да го ценат. Во есента 1937 година, растечките сили на нацизмот и фашизмот сѐ повеќе внесувале страв и вознемиреност кај луѓето во цела Европа, а во градот Нови Сад имало напнатост, но не поради економскита или меѓународната политика, туку поради долгоочекуваниот сензационален трансфер на фудбалерот Велкер кој требало да мине во екипата на ФК Војводина.[2]

ФК Војводина

уреди

Клубот дотогаш донел многу добри играчи и бил познат како „Милионерски тим“. Оттогаш, екипата на Војводина започнала да има сериозни претензии за да ја освои југословенската прва лига. Таа цел била според клупските замисли недостижна без услугите на Јожеф Велкер, па се направил огромен напор да се донесе во клубот. По долги и тешки преговори, на огромно разочарување на составот на НАК, Велкер конечно потпишал за новиот клуб од Нови Сад. Од 1937 година, па сè до 1951 година тој бил клучен играч на клубот. Вака бил опишан на 15 мај 1940 година од весникот „Спортска ревија“:

„Велкер, напаѓачот на Војводина, секогаш е еден од најдобрите играчи. Сите други играчи, дури и најдобрите, можат да разочараат, дури и да бидат незабележани, но тоа ретко му се случува на него. Тој е моторот на тимот. Техничар „до совршеност“. На натпреварите на екипата на Војводина се издвојува по посветеност, знаење и фер стил на игра. Тоа е Велкер. Тој претставува каков треба да биде еден фудбалер, еден вистински фудбалер, еден вистински спортист. Тој никогаш не протестира против одлуките на судиите, не одговара неспорстки на провокациите од противниците и не влегува во кавга со останатите играчи. За време на натпреварот нема да му слушнете глас, но ќе сакате многу да го гледате. И покрај неговите вештини кои му дозволуваат да игра во кој било клуб во лигата, тој останува непретенциозен и скромен. А тоа е она што ретко го наоѓате кај вистинска ѕвезда. Од Велкер нема подобар, подисциплиниран и поскромен играч во Нови Сад. И тој дефинитивно заслужи да игра долго време во државната репрезентација“.

Репрезентацијата била далечна за фудбалерите од Војводина, бидејќи во неа немало место за нив. Сите места биле резервирани за играчите кои доаѓале од Белград, Загреб и Сараево. Тоа било така за да биле задоволни сите националности во Кралството Југославија. Јожеф Велкер имал понуди од клубови од Загреб и Белград кои секако би му овозможиле полесен пристап во државната репрезентација, но тој останал верен на градот Нови Сад и ФК Војводина.

„Милионерскиот тим“ не успеал веднаш да се издигне на највисоко ниво, но во сезоната 1940/41 се борел за самиот врв на табелата. Завршната фаза на првенството била прекината од почетокот на Втората светска војна, а бомбардирањето на Оската (Нацистите), мобилизацијата и капитулацијата на земјата го направиле натпреварувањето да биде невозможно. За време на германската окупација, новите власти го затвориле клубот и му го конфискувале имотот. Јожеф Велкер се вратил во Равно Село. Германскиот Вермахт започнал да регрутира Германци од Војводина во единиците на СС силите, а Велкер бил регрутиран во Врбас. Набрзо избегал од единицата и извесно време бил во бегство. Поради тоа, куќата на неговото семејство била вандализирана од локални германски младинци. Но, информациите за неговото дезертирање стигнало и до Нови Сад, односно до неговиот поранешен клуб НАК и претседателот на клубот. Истовремено локалниот полициски началник се согласил да му даде амнестија во замена тој да биде нов играч на екипата на НАК. За да не заминат во концентрационите логори, на клубот се приклучиле и други поранешни играчи на екипата на Војводина како што биле: Марјановиќ, Плац, Аврамовиќ, Јовановиќ, Медариќ и Живковиќ. Јозеф настапувал за екипата на НАК, во тој момент со новото име Ујвидеки АЦ. Новиот клуб со новото име се натпреварувал во Унгарското првенство и тоа вкупно четири сезони. Тој постигнал 38 голови на 76 натпревари во периодот помеѓу 1941 и 1944 година.

По започнувањето на ослободувањето од страна на сојузниците, во есента 1944 година, започнала обновата на ФК Војводина. Во 1945 година, првенството не се играло на целата територија, туку по одделни региони на земјата, а Велкер настапувал во екипата на Војводина, составена од поранешни играчи на ФК Војводина и ФК Спартак од Суботица. Таа сезона клубот завршил на 4 место. Екипата за краток период го добила името Слога и првично настапувала во Втората југословенска лига. Многу критичари во Нови Сад верувале дека клубот испаднал од највисоката лига поради влијанието на националната репрезентација и непријателството што новите комунистички власти го имале кон поранешниот буржоаски клуб. Јожеф Велкер во тој период бил познат по своите херојски игри и настапи дури и на поединечните натпревари. Клубот претрпел одредени потешкотии во тој период, а познато било дека Велкер финансиски го поддржувал, и тоа во неколку наврати тој ги финансирал патувањата што клубот требало да ги направи за да игра против противниците на гостински терен. Сепак, екипата на Војводина (во меѓувреме Слога) набрзо закрепнала и во 1948 година се вратила да се натпреварува во Првата лига.[2]

Репрезентација

уреди

Помеѓу 1938 и 1940 година, Јожеф Велкер одиграл вкупно три натпревари за репрезентацијата на Југославија (Кралството Југославија) постигнувајќи два гола.[1]

Пензионирање

уреди

Јожеф Велкер ја одиграл својата последна сезона во 1951 година, откако одиграл 30 првенствени натпревари и постигнал 15 голови. Неговиот последен натпревар бил пријателскиот дуел против екипата на ФК Сараево.

По пензионирањето, тој се преселил во Кливленд, Охајо, САД, каде што живел со семејството на неговата сопруга. Таму тој починал на 29 ноември 1995 година.[3] Понекогаш бил познат како Јосип Велкер (Velker), а неговото презиме понекогаш се пишувало и како Welker.

И денес навивачите на ФК Војводина го сметаат како дел од најдобриот клубски тим во историјата на клубот.[2]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 EU-Football.info: Josip Velker
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Jožef Velker vođa milionera at fkvojvodina.com.
  3. Josip Velker Архивирано на 22 декември 2015 г. at Reprezentacija.rs

Надворешни врски

уреди