Јоан Хармосин
Јоан Хармосин (Охрид, 1829 — Пловдив, 1890) — музички и книжевен деец, автор на црковни напеви и псалтикиски зборници.
Јоан Хармосин | |
---|---|
Роден(а) | 1829 Охрид, Османлиска империја |
Починал(а) | 1890 Пловдив, Кнежевство Бугарија |
Значајни дела | Пасхалија |
Основно училиште завршил во родниот град, а средно во Битола и во Цариград. Како студент на Филозофскиот факултет во Атина, се прочул со својата музикалност и убав глас. Истовремено биле забележани и неговите литературни творби на грчки јазик. Издал комедија во стихови (1859), а заедно со Григор Прличев го редактирал списанието „Сфингс”. По враќањето во татковината, живеел во манастирот „Св. Јован Бигорски” и во „Св. Пречиста”.
Од неговите зборници со црковни творби, најзначајна е книгата „Пасхалија” (1860), печатена во печатницата „Македонија” во Цариград. Зборникот се состои од: велигденски напеви на црковнословенски јазик (преведени од него од грчки јазик), творби од постари певци во Македонија, и осум лични творби на авторот. За својот најуспешен напев од овие творби, Хармосин вели: „Во Достојно ест се слуша месниот напев на горна Македонија, саканата татковина наша.” Еден од првите преродбенски дејци што дале голем придонес за обновувањето на нашата писмена музичка традиција.