Јазовецот на суд (српски: Јазавац пред судом) - расказ на српскиот писател Петар Кочиќ, напишан во форма на дијалози.

Содржина

уреди

Давид Штрбац, на возраст од околу 50 години, од селото Мелина, во близината на Бања Лука, влегува во судот со вреќа во која се наоѓа јазовецот што му ја опустошил нивата со пченка. Тој им се обраќа на судијата и на писарот со почит, но истовремено, правејќи се невешт и неписмен, им се потсмева. Од друга страна, судијата и писарот кон него се однесуваат со презир, особено кога ќе слушнат дека тој бара да му се суди јазовецот на направената штета. Во еден миг, тој намерно го пушта јазовецот да излезе од вреќата, предизвикувајќи немир во судската сала. Потоа, Давид продолжува да им се потсмева на судијата и на писарот раскажувајќи им за својата мудра баба и за благодарноста кон царската власт која му ги зела синот, кравата, козите и свињата. Продолжувајќи во истиот тон, тој раскажува дека селаните се многу задоволни, но дека богатите луѓе се против власта. Најпосле, кога ќе успее да погоди како се вика писарот, судијата се согласува да го осуди јазовецот на затворска казна во траење од дваесет години при што на Давид му дава пари како надомест за претрпената штета. Потоа, судијата излегува од салата, а Давид ги гледа фотографиите на царот и на членовите на владата, давајќи потсмешливи коментари за нив. Судијата се враќа во салата заедно со лекарот, кој го испрашува Давид и му ја мери главата, прогласувајќи го за луд. Давид одговара дека не е луд, туку дека зборува во името на милиони луѓе и ја изразува болката и маката што ја трпат тие, а потоа го напушта судот.[1]

Наводи

уреди
  1. Петар Кочић, Јазавац пред судом. Сарајево: Књижарница и папирница Михајла Милановића (без дата).