Ѕвездени перничиња

„Ѕвездени перничиња“ на авторката Славка Манева е збирка на сказни наградена како надобра книга за деца со награда „Ванчо Николески“ за 1996 година, што ја доделува друштвото на писатели во Македонија. Таа е изборна лектира за четврто одделение.[1]

Ѕвездени перничиња
АвторСлавка Манева
ЗемјаМакедонија Македонија
Јазикмакедонски
Жанрраскази
ИздавачДетска радост
Издадена
2005
Медиумпечатено издание

„ Ѕвездени перничиња“ претставува збирка сказни за деца. Во неа се опишани месеците во годината и за секој месец е дадена по една сказна. Секоја од сказните има и поука со која ги подучува децата и ги тера да размислуваат за опишаните случки во сказните и  значењето и карактеристиките на  ликовите во истите.

… Јас не можам да го поправам овој свет, но со моите приказни барем се обидувам да  го разубавам  во срцата на децата.”- Славка Манева

Содржина

уреди

„Во мојата книга вам, драги деца, секој месец ќе ви подари по една сказна, а тринаесетта ви е подарок од мене. Сепак отпрвин јас ќе ви раскажам по нешто за нив, за да ги запознаете и засакате. При запознавањето се кажува прво името, но овде тоа е неможно, бидејќи секој месец има по неколку имиња. Едното им е според календарот, а другите им ги дал народот,според своите особини“.

Првиот месец во годината, Јануари, ја подарува „Сказна за вџашената принцеза“.Сказната раскажува за една разгалената принцеза која не знаела да работи, а сите луѓе што поминувале морале да ѝ се поклонат. Нејзиниот татко велел: „Дете мое, па ти нема ништо да знаеш... Подоцна ќе се срамуваш поради тоа“...

Февруари, вториот месец од годината, на читателите им ја нуди „Сказната за малото полско џуџе“. Малото џуџе по име Гравче останали сирак. Во сказната се опишува осаменоста на Гравче. Гравче решил да побара поубаво и поудобно место за живеење од старото. Се населил во некоја зелка. Дошла есента и зелката била скината од нивата и продадена. Малиот Гравче се сместил во домот на една старица. Бил премногу разочаран: „Што ми требаше да правам одаја во зелка? - си помислило тоа. Поарно ќе ми беше да си останев во татковата куќа, иако во неа дува ветар“....

Март во многу сказни ќе го сретнеме како „Баба Марта“. Како подарок од „Баба Марта“ ја имаме „Сказна за жалната врба“. Сказната е за љубовта помеѓу братот и сестрата кои се заколнале дека вечно ќе се сакаат и ќе си помагаат: „Јас се колнам дека ќе ти помагам секогаш кога ќе бидеш во неволја. Ако не – камен да се сторам! “ „И јас се колнам дека секогаш ќе те сакам и нема никогаш да те излажам. Ако не – дрво да се сторам!“. Сестрата се мажи и доаѓа по долго време, тажна и овената: „Што се случило со тебе, мила моја сестро? Што мака имаш, та си ослабнала олку?“ Сестрата не му ја открила маката на братот и како што се зарекла, се сторила врба...

Април, месец на пролетта, на зеленилото и на разнобојните цвеќиња... Подарок од овој месец е „Сказна за цвеќето омајниче“. Оваа сказна е блиска со народната сказна „Девојчето и дванаесте месеци“ и познатата „Пепелашка“. Маќеата како и во претходно споменатите сказни го измачувала девојчето на сопругот додека нејзиното го гледала како капка роса. Девојче се заљубило со овчарчето, а тоа го приметила и злобната маќеа: „Ами доведи го, ќерко, да го видам дали ти прилега убавината и умот–рекла таа“. Девојчето така постапило. Маќеата правејќи маѓии го маѓепсала момчето и тоа се вљубило во нејзината грда ќерка. Кога дознало девојчето побегнало на планината, облечена во фустанче во пембелија боја, каде исчезнало. Момчето по некое време се освестило од опиумот и ја барало саканата, отишло на планината, а таа целата со цвеќиња како килим во пембелија боја како фустанот на исчезнатото девојче. Цвеќето и до ден-денес останало како цвеќе на љубовта и младите овчарки се кителе со нив...

Петтиот месец е Мај. Како подарок од месецот Мај е „Сказна за црниот бик“. Сказната за бикот спаѓа во чудесните сказни за разлика од претходните кои спаѓаат во фантастичните. Сказната се одвивала во некое село, кое го снашло голема несреќа кога рано наутро се почувствувал силен земјотрес: „Што беше ова, бре луѓе?- си рекле. – Земјата се отвора и ќе не голтне“! Селаните се искачиле на планината и здогледале црн бик каков што немале видено до сега, со крвави очи и рогови како стебла. „Од каде дојде ова чудо кај нас? – си рекле. Што ќе биде ова, бре браќа?“ Сите биле загрижени и барале спас. Отишле кај мудриот старец да побараат совет: „Таквите чудовишта се јавуваат еднаш на сто години. Ако се најде јунак од мајка роден да му го скрши десниот рог со камена секира, бикот веднаш да умре и вие ќе се ослободите од тешка неволја“. Јунакот во сказната се одликува по неговата необичност и сила и најчесо е резултат на чудното раѓање. Јунакот се стекнува со магиска моќ со помош на некој волшебен предмет, со цел да надмине некој проблем, како во оваа сказна како волшебен предмет се огледалата и килимот, а проблемот е да се победи црниот бик. Се пријавило едно сиромашно момче и со својата итрина го победила бикот, а селаните му биле многу благодарни: „Алал нека ти е, добро момче! - му рекле - „Само ти се најде јунак од мајка роден што не спаси од злото“... Славка Манева овде употребува стилска фигура хипербола во описот за изгледот на бикот: „На ридот лежел огромен бик каков што не виделе дотогаш, со закрвавени очи и рогови што се вишеле како искривени стебла“. Мудриот старец како и во повеќето сказни е оној во кој луѓето наоѓаат спас во неговите совети.

Сказната „Сказна за светулките“ е подарок од Јуни. Оваа сказна раскажува за строгоста на еден татко кон неговата ќерка. Девојката не можела да ја издржи тортурата и побегнала во шумата. Била премногу воодушевена од светлината и убавините во природата. Кога дознал татко ѝ ја преколнал да стане ноќна самовила. Така и се сторила. Самовилата се спријателила со инсектите и им помагала, а тие секогаш и велеле: „Бабо самовило, ти си најголемата мајсторка за крпење пеперужни крилца и затоа многу те сакаме“. Еден ден од месечината побарала сончево зрнце за да им помогне на бубалките и пеперутките и да ја испочитува татковата волја: „Прости ми, татко, но сепак ова го правам зашто сакам да помогам во невола, како што ме учеше и ти додека беше жив“...

Јули, седмиот месец во годината ни подарува една прекрасна сказна, а тоа е „Сказна за ѕуницата“. Ткајачката која е претставена во оваа сказна е најголемата жртва во неа. Прво затоа што се жртвувала за своите седум дечиња, а потоа е жртва на наредба на царот. Ткајачката која плетела најубави килими била прочуена насекаде, а тоа дошло и до царските уши: „Бери ум, жено! Зашто, со царска наредба нема шега. Ако не го исткаеш килимот, ќе ти летне главата“! Дење и ноќе ткајала само да ја исполни наредбата на царот. Откако го исткајала го однела на реката, но дувнал силен ветер, а таа со своите дечиња си заминала да не ги фати невреме. Кога се вратиле килимот го немало: „Леле, кутрата јас, ми отиде главата! Што ќе им речам на царските луѓе утре, кога ќе дојдат да го земат килимот“? Царската наредба била извршена. На денот на свадбата на царскиот син, заврнало дожд, а килимот од езерото кон облаците бил спрострен килимот во разни бои. Од тогаш настанала ѕуницата уште позната и како виножито...

Август е последниот летен месец. Сказната која ни ја нуди овој летен месец е „Сказна за сребрениот меч“. Сказната раскажува за тешко болната мајка која легнала во кревет и не можела да види ништо од природните убавини. Синот секогаш гледал таа да биде среќна. Еден ден ја запрашал што е нејзината желба, а таа одговорила: „Да ми го нема ридон од пред очи и да ги догледам ливадите и нивите од другата страна“. Момчето утредента отишло кај мудриот старец да го посоветува, а тој рекол дека спас за оваа желба е сребрениот меч. Трагајќи по мечот стигнал до царскиот дворец. Царот бил во голема неволја, поради големиот змеј. Момчето храбро решило да му се спротивстави на змејот. Кралот за одбрана му го дал сребрениот меч. Момчето го победило змејот, а за возврат ја добил царевата ќерка. Потоа отишол на планината, и ја видел мајка си на ридот: „Мајко, го оржав ветувањето! Си дојдов дома да ве одведам сите во царскиот дворец зашто станав царски зет! А сега, раскажи ми се како стигна, ама до врв рид“. Кога правиме едно добро, секогаш ни е возвратено дупло...

Подарок од Септември е „Сказна за пауновото перо“. Приказната раскажува за едно болно дете кое родителите не можеле да го спасат, а во сказната се јавила стара баба која била претставена како мудрец и која им го кажува лекот на мајката и таткото на детето: „Така му било речено, да боледува. Ама ќе се најде чаре и за него, ако најдете со сино око во зелено. Перото ќе го натопите во морско масло, ќе го намачкате детето и тој час ќе ви оздрави. Толку од мене, ајде одете си со здравје дома“. Лекот го наоѓаат во царскиот дворец, од пауните на царот.

Подарок од Октомври е „Сказна за желката“. Оваа сказна раскажува за една желка која не била задоволна од својот изглед и постојано се поплакувала кај Господ: „Аман, боже! – му рекла. – На сите им даде покривало на снагата – кому перја, кому козина. Им даде и крилја и сила брзо да се движат, сал нас не остави голи да талкаме бавно по земјата“. Желката повторно не била задоволна и заедно со другите животни пак се упатила кон Господ. На крајот ги исполнил нејзините барања и сите останале среќни и задоволни.... Славка Манева во оваа сказна ја употребува алегоријата како стилска фигура, со тоа што на желката и дава човечки особини (да зборува).

Претпоследниот месец настапува со „Сказна за гугутката“. И оваа сказна како „Сказна за жалната врба“ е еден вид легенда, за настанокот на гугутката. И оваа легенда спаѓа во подвидот на космогониски легенди, легенди за настанувањето на вселената како целина, за создавања на космосот (редот) од (хаосот-нередот); Во нив е предадено настанувањето на светот благодарение на моќта на еден бог. Сказната раскажува за љубовта на двајца млади кои потекнуваат од царски семејства. Како пречка меѓу нивната љубов застанала мајката на момчето, која е претставена како маѓесничка, која е дел од митолошките суштеста и е поврзана со чудотворните предмети (во овој случај чајот) што таа ѝ го ставила на својата снаа, а таа се престорила во гугутка. Таа везден демнела на прозорецот на нејзиниот сопруг и нејзиното дете. Името гугутка го добила по гукањето на нејзиното дете: „Гу – гу- гу! – а од дворецот и одговарало нејзиното дете: - „Гу –гу-гу“! Оттогаш гугутките се птици кои секогаш долетуваат на прозорците и гукаат... Тие се препознатливи по сивите нежни перја и по црното крукче околу вратот.

Декември, дванаесетиот последен месец во годината ни ја подарува „Сказна за добрината“. Во оваа сказна станува збор за недосетливата ќерка која ништо не работела, дури кога и нејзината мајка паднала во постела. Мајката везден гледала кон ѕидот до кој бил нејзиниот кревет, додека еден ден не дошла ќерката на комшиката која и рекла: „ Што стоиш, мори, како икона? Не гледаш ли куќата на што прилега?Ајде бргу донеси вода и крпи, па да ја суредиме!“...

На крајот Славка Манева се разделува со читателот и раскажува за нејзиниот живот, затоа како таа била палава како мала, па затоа решила да се посвети да пишува за малите палавковци, но се разбира нејзината цел не била да ги уплаши туку да ги насмее и да ги поучи.

Подарок од авторката е „Сказна за ѕвездените перничиња“, како што гласи и самиот наслов на книгата. Како и возрасните така и децата се обидуваат да опстанат во светот и да ја пронајдат вистинската смисла на животот. Со поголем број на искуства тие постепено влегуваат во светот на возрасните, што понекогаш и тие подобро размислуваат. Во сказната социјалниот момент е кога момчето решило да оди на печалба за да го спаси своето семејство и себе си од сиромаштија. Мајката го благословила и му дала шамивче со три јазолчиња. „Синко, ова ти е за да ти се најде во голема неволја. Ќе ги одврзеш јазлињава, но само тогаш, и да си спомниш за ова што ќе ти го кажам. Првото јазле ти е за она што го имаше и што можеш да го имаш – ако си работлив. Второто јазле ти е за она што го имаш, а можеш да го немаш – ако не си претпазлив. А третото јазле ти е за она што го немаш, а од се срце ќе посакаш да го имаш“. Момчето се заљубило во девојчето што везе перничиња ишарани со сребрени ѕвезди кои одблеснувале во ноќта. Немајќи пари да купи од перничињата и се сеќава на зборовите на неговата мајка, и го одврзува првото јазле во кои се наоѓаат две парички за да може да купи перниче. Второто јазле го одврзува кога се разболел, а во него имало тревки за чај. Третото јазле го отвора кога оди да ја запроси девојката што везе перничиња, а во јазлето се криел свршеничкиот прстен на неговата мајка. И како што обично завршуваат сказните така и оваа „И на крајот сите си живееле среќно“...

Сите сказни во оваа книга започнуваат со Некогаш многу одамна. Времето и местото каде каде што се случуваат настаните не ни е познато, можеби тие села и планини што се спомнати во сказните се наоѓаат близу нас, можеби таму сме биле некогаш, можеби таму живеат нашите баби и дедовци, но останува само можеби.[2]

Осврт кон делото

уреди

„Ѕвездени перничиња“ има корени од митологијата. Овде ги сретнуваме митолошките суштества, волшебните елементи и приказните кои се претставени во вид на легенди кои се дел од митологијата. Митовите се уште гледани како искривени приказни на вистинити историски настани, алегории или персонификација на природните појави, или пак објаснувања на народните обреди. Тие се пренесувани за да овозможат религиозно искуство, да постават обрасци на однесување како и да ги подучат луѓето. Децата во сказните се претставени како сираци (освен во „Сказната за пауновото перо“; „Сказната за гугутката“ и сказната која е подарок од авторката „Сказна за ѕвездените перничиња“) деца кои ја немаат почувствувано љубовта од двајца родители. Некои од сказните се во вид на легенда („Сказна за жалната врба“; „Сказна за ѕуницата“ и „Сказна за гугутката“) во кои наидуваме на пократки известувања и најнужни податоци кои имаат цел да информираат за постоење на некои факти. Во легендите чудесното, митолошкото и религиозното е една од основните карактеристики. Легендата ја одразува стварноста преку некое верување. Основната општествена функција на легендата е да го поткрепи верувањето, раскажувајќи го чудесното. Митолошки суштества кои ги среќаваме се самовилата во „Сказна за светулките“ и маѓесницата (свекрвата) во „Сказна за гугутката“. Во сказните на Славка Манева ги среќаваме и волшебните предмети, како што се, волшебното стапче во „Сказна за светулките“, црвениот килим и огледалата во „Сказна за црниот бик“, сребрениот меч во „Сказна за сребренио меч“, чајот во „Сказна за гугутката“, пауновото перо во „Сказна за пауновото перо“ и шамивчето со трите јазолчиња во „Сказна за ѕвездените перничиња“. Со сите свои ликови, материјално – волшебните реквизити и сижети, меѓусебно чудесно проткаени, народната сказна создала неизмерно богат свет што опфатил – селектирал и вообличил – најразлични фабулни решенија и раскажувачки слики. Карактеризирајќи се со безимени личности, недетерминирана географија, фантастични сторенија митолошки созданија сказната достигнала кулминација на способностите на народниот раскажувач за креативна импровизација.

Славка Манева пишува и во изразот и постапката според моделот традиционалната бајка. Дури тогаш и кога ја имитира и од неа произлегува, видлив е напорот да се издвои, да побара самостоен пат и бајковниот свет да го осовремени со знаци и симболи. Во нејзината бајка наивната претстава и играта се исходишта во откривањето на тајновитите предели на детската психа. Тоа ќе го прифати тој свет токму онака како што е создаден, токму затоа што има моќ да мечтае. Лицата се однесуваат како во стварноста, новите лица се среќаваат без чудење, а стравот што ги обзема е на некаков начин природен – тоа е страв на нормалниот човек. Тоа што се јавуваат фантастични суштества од другиот свет не значи дека преовладува фантазијата. Од секој расказ добивме различни информации и инспирации. Сведоци бевме на многу интересни детски авантури кои ни ги пружи самата авторка. Бајките на Славка Манева завршуваат среќно со среќно откривање на скриена љубов, поточно со нејзиното манифестирање. Затоа лицата се враќаат кон својот извор, значи кон реалниот живот.[3]

Наводи

уреди
  1. Манева, Славка. Ѕвездени перничиња. Скопје: Детска радост, Скопје, 2005.
  2. https://eprints.ugd.edu.mk/13043/1/detinjstvo2014.pdf
  3. https://eprints.ugd.edu.mk/13043/1/detinjstvo2014.pdf