Лабиринтиди

(Пренасочено од Labyrinthulomycetes)
Лабиринтиди
Клетка со мрежа од филаменти - Aplanochytrium sp.
Научна класификација
Домен: Eukaryota
Царство: Chromalveolata
Колено: Heterokontophyta
Класа: Labyrinthulomycetes
Dick, 2001
Родови

Labyrinthulids
Labyrinthula
Thraustochytrids
Aplanochytrium
Labyrinthuloides
Japonochytrium
Schizochytrium
Thraustochytrium
Ulkenia
Diplophryids
Diplophrys

Лабиринтидите или лабиринтуломицетите (Labyrinthulida или Labyrinthulomycetes) образуваат класа во царството на протисти. Овие организми традиционално се сметаат за сордници на вистинските („виши“) габи. Одделот се состои од околу 70 видови.

Одлики

уреди

Морфологија

уреди

Вегетативното тело на лабиринтидите е претставено со две форми. Тоа може да биде мрежест плазмодиум, односно филоплазмодиум (по што се нарекуваат уште и мрежести лигави габи), кој претставува посебна лигава цевчеста мрежа од ектоплазма, во чија внатрешност или на нејзината надворешност се движат клетки без цврста обвивка, со што се образува своеобразен многуклеточен организам што може да израсне и до неколку сантиметри. Другата форма, карактеристична за траустохитридите (Thraustochytriales), е претставена со едноклеточни талуси, слични на тие од хитридиомицетите. Ектоплазматичната мрежа во овој случај е слабо развиена и потсетува на ризомицелиум.

Ектоплазмата е исполнета со слуз кој содржи полисахариди, од неа се издаваат особени цевковидни органели карактеристични за овој оддел; тие се нарекуваат ботрозоми, сагенозоми или сагеногени. Во една клетка можат да се најдат 10-20 ботрозоми, а кај траустохитридите има само еден базален ботрозом. Мрежастиот плазмодиум има заштитна функција, на пример, го спречува исушувањето на колонијата; вантре во мрежата се одвива движење на клетките насочено кон изворот на храна; низ ектоплазмата се одвива размената на материи меѓу клетките и околната средина. Лабиринтидите се првенствено водни организми, но ектоплазматичната мрежа дозволува колонијата да излезе на копното, при што во себе ги зачувува условите на водната средина, па затоа таа се нарекува „обратен костим за нуркање“. Ризоидните израстоци на ектоплазмата кај траустохитридите служат за размена на материите и прикрепување за супстратот.

Размножување

уреди

Полов процес не е забележан кај лабиринтидите или тој досега не е докажано дека постои.

Клетките во мрежастиот плазмодиум се делат, тие можат да инцистираат и да излезат од слузастата обвивка, или да се соберат во групи и да образуваат заедничка обвивка на која се развиваат посебни структури наречени соруси. Поединечните цисти и клетките од сорусите во поволни услови герминираат во амебоидни клетки кои даваат нови мрежасти плазмодиуми. Поретко клетките во сорусите се претвораат во спороцисти, од кои секоја дава 6-8 или повеќе двекамшичести зооспори. Кај траустохитридите, целиот талус (освен израстоците на ектоплазмата) се претвота во зооспорангиум што дава 100 и повеќе зооспори, кои се ослободуваат по разрушувањето на обвивката на зооспорангиумот (пролиферација). Зооспорите имаат ботрозоми, портокалова стигма во основата на камшичињата (освен траустохитридите), камшичиња - хетероконтни и хетероморфни (предното камшиче е пересто, задното е камшиковидно, мазни, што морфолошки ги зближува со зооспорите на оомицетите).

Екологија

уреди

Ова се првенствено морски организми, поретко слатководни, а познати се и сувоземни видови. Паразитираат на морските (Ulva, Zostera) и слатководните (Vaucheria, Cladophora) алги и растенија. Постојат и видови кои се патогени за животните (мекотели, риби) или водат сапрофаген начин на живот. Ги користат површините на водните растенија за прикрепување. Среде сувоземните видови се среќаваат паразити на корењата на пченицата.