Дигитална мрежа на интегрирани услуги

(Пренасочено од Integrated Services Digital Network)

Дигитална мрежа на интегрирани услуги, скратено ДМИУ (англиски: Integrated Services Digital Network (ISDN)) — телекомуникациска мрежа која се темели на множество комуникациски стандарди за истовремен дигитален пренос на говор, видео, податоци и други мрежни услуги преку традиционалните кола на јавната комутирана телефонска мрежа. Првпат била дефинирана во 1988 година во црвената книга на CCITT[1]. Пред ДМИУ, телефонскиот систем бил систем за пренос на говор со некои специјални услуги за пренос на податоци. Клучната одлика на ДМИУ е што таа ги интегрира говорот и податоците на исти линии, додавајќи му класичниот телефонски систем одлики кои претходно не биле достапни. ДМИУ стандардите дефинираат неколку вида на пристапни интерфејси, како основен пристап (BRI), примарен пристап (PRI), теснопојасен ДМИУ (N-ISDN) и широкопојасен ДМИУ (B-ISDN).

ДМИУ-телефон

ДМИУ е телефонска мрежа со комутација на кола, која обезбедува пристап и до мрежите со комутација на пакети, дизајнирана да обезбедува дигитален пренос на говор и податоци преку телефонски бакарни жици притоа обезбедувајќи повисок квалитет на говорот во однос на аналогните телефони. Истата обезбедува врски со комутација на кола (за говор и податоци) и врски со комутација на пакети (за податоци) со чекор од 64 kbit/s. Во одредени земји, вклучувајќи ја и Македонија, најголемата примена на ДМИУ била за пристап на семрежјето, при што ДМИУ типично обезбедува максимален пропусен опсег од 128 kbit/s во двете насоки.

При видеоконференции, ДМИУ истовремено обезбедува пренос на говор, видео и текст меѓу индивидувални и групни видеоконференциски системи.

Цели на ДМИУ

уреди

Клучни цели во развојот на ДМИУ биле: • стандардизација на системот – обезбедува универзален пристап до мрежата • остварување на транспарентност – обезбедува корисниците да користат различни протоколи и апликации • издвојување на функциите – обезбедува услуги со кои се остварува конкурентност • разноликост на конфигурациите – овозможува да се оствари врска по разни видови линии • универзално тарифирање – наплаќањето на ДМИУ услугите е стандардизирано и не зависи од природата на податоците кои се пренесуваат • миграција – во текот на еволуцијата е обезбедена постепена транзиција од аналоген на дигитален пренос • поддршка на мултиплексирањето – обезбедува услуги како за најголемите компании така и за претплатниците кои имаат најмали барања

Видови ДМИУ-приклучоци

уреди

„Интегрирани услуги“ се однесува на својството на ДМИУ да обезбеди најмалку две истовремени врски, која било комбинација на податоци, говор, видео и факс преку локалната јамка. Повеќе различни уреди можат да бидат поврзани на линијата и да се користат по потреба. Тоа значи дека ДМИУ линијата обезбедува поцелосно задоволување на корисничките комуникациски потреби без притоа да има потреба од повеќе аналогни телефонски линии. Поимот исто така се однесува на интегрирани комутација и пренос[2].

Приклучоци за основен пристап (2B + D)

уреди

Овој вид приклучок се состои од два основни канали за пренос на услуги и сигнален канал преку кој се разменуваат сигналните пораки за воспоставување, односно раскинување на врска. Основните канали се со проток од 64 kbit/s, а сигналниот од 16 kbit/s, така што вкупниот проток што го обезбедува овој приклучок е 144 kbit/s кој се испорачува под една телефонска парица [3]. Често овој приклучок се бележи како 2B+D.[4]

Приклучоци за примарен пристап (30B + D)

уреди

Овој вид приклучок се состои од триесет основни канали за пренос на услуги, сигнален канал преку кој се разменуваат сигналните пораки и тактен и алармен канал. Основните канали, сигналниот како и тактниот и алармниот канал се со проток од 64 kbit/s. Истите се испорачуваат преку Е1 кериер со проток од 2048 kbit/s. Често овој приклучок се означува како 30B+2D.[5]

Интерфејсот за примарен пристап е популарен низ целиот свет особено за поврзување на куќни централи на ЈКТМ.

Основен канал

уреди

Основниот канал е стандарден 64 kbit/s говорен канал од 8 бита, кодиран со G.711. В каналите може да се користат за пренос на податоци бидејќи во суштина тие се само дигитални канали.

Сигнален канал

уреди

Сигналниот канал D ја користи сигнализацијата Q.931 за комуникација со другата страна на врската.

Дигиталната мрежа на интегрирани услуги во Македонија

уреди

Дигиталната мрежа на интегрирани услуги во Македонија претставувала надградба на постојната јавна комутирна телефонска мрежа (ЈКТМ) и истата била овозможена и реализирана со имплементацијата на дигиталните комутациски системи во средината на 1990-тите години. Првите 800 приклучоци за основен пристап и 32 приклучоци за примарен пристап се инсталирани во главната телефонска централа Центар во Скопје. Веќе следните година-две ДМИУ приклучоците се инсталирани на 30 локации во Република Македонија и капацитетот на приклучоците за основен пристап стигнува до 6.008, а на оние за примарен пристап до 208 приклучоци.[6]

Главната примена на приклучоците за основен пристап била обезбедување на слободна телефонска линија за време на поврзаноста на интернет, како и поголеми брзини на пристап. Бројот на активните корисници растел сè до воведувањето на асиметричната дигитална претплатничка линија (АДПЛ).

Главната примена на приклучоците за примарен пристап била поврзување на куќни централи на организациите и претпријатијата.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Decina, M; Scace, E (May 1986). „CCITT Recommendations on the ISDN: A Review“. CCITT Red Book. 4 (3): 320–25. doi:10.1109/JSAC.1986.1146333. ISSN 0733-8716.
  2. Robin, G; Treves, S (July 1979). „Pragmatic Introduction of Digital Switching and Transmission in Existing Networks“. IEEE Transactions on Communications. 27 (7): 1071. doi:10.1109/TCOM.1979.1094494.
  3. „Verizon: No Longer Taking Orders for ISDN Service in Northeast Starting May 18“. Talkers. March 28, 2013. Архивирано од изворникот на 2020-02-03. Посетено на April 6, 2013.
  4. „What is ISDN?“. Southwestern Bell. Архивирано од изворникот на 2013-04-15. Посетено на April 6, 2013.
  5. Bellamy, John C. (2000). Digital Telephony (3. изд.). Wiley Interscience. стр. 496. ISBN 0-471-34571-7.
  6. Костовски, Ристо (1998). Македонска пошта, Македонски телекомуникации. Скопје: Ми-Ан. стр. 177. ISBN 9989-613-03-6.

Надворешни врски

уреди
 
Wikibooks
Англиските Викикниги нудат повеќе материјал на тема: