Цветот што носи среќа
„Цветот што носи среќа“ — поема за деца на македонскиот поет Михо Атанасовски од 1994 година.
Содржина
уредиНа еден рид, крај бистра река, се наоѓа скромна колиба во која живее вдовица со својот син-единец. Зимата, мајката се разболува и умира, но пред смртта, таа го советува синот да појде на нејзиниот гроб и да го скине цветот што носи среќа. Пролетта, синот решава да замине во светот, но претходно оди на гробот на мајка си и го кине цветот. Патем, тој среќава волк, кој го моли да му го извади трнот од ногата. Момчето му помага на волкот, а тој му дава влакно од своето крзно кое ќе му помогне во случај на неволја. По некое време среќава лисица на која ѝ помага, а таа го кани да преспие кај неа. Притоа, лисицата го советува момчето да појде кај вештерката, давајќи му совети како да постапи таму. Вештерката му дава на момчето работа — да ја пасе нејзината крава. Меѓутоа, кравата му бега на момчето, а тоа го повикува волкот на помош и така успева да ја врати кравата, а на вештерката ѝ ја краде волшебната капа која го прави невидлив. Потоа, момчето бега од вештерката и патем среќава џуџе кое го дави една жаба. Момчето го спасува џуџето и тие заедно пристигаат во пештера во која живеат други џуџиња. Кралот на џуџињата му изразува благодарност и му нуди помош, советувајќи го да оди во Стаклената Гора, каде што живеат три принцези, заробени од еден змеј. Патем, момчето среќава три гуски при што со стрела погаѓа една од нив, а таа се претвора во девојка, една од трите принцези. Со помош на џуџуњата, момчето успева да влезе во дворецот во Стаклена Гора, потоа го убива змејот, ги спасува принцезите и се враќа дома. Таму, тој си ја зема најубавата принцеза за жена и прави голема свадба<, а тогаш волшебниот цвет се претвора во пепел.[1]
Технички одлики
уредиПоемата е објавена од „Сано-Мак“, д.о.о., Скопје, Редакција за издавачката дејност „александар & александар“, како втора книга на библиотеката „Нови сончогледи“. Објавувањето на поемата било финансиски помогнато од Министерството за култура на Република Македонија. Таа била испечатена во ЗОП „Нова книга“ во СКопје, во тираж од 1 000 примероци. На корицата е искористен цртеж на ученикот Здраво Георгиевски. Книгата, со димензии од 18 сантиметри и со обем од 45 страници, е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-49-000-7 и ISBN 9989-49-003-1.[1]