Фаталистот Жак (француски: Jacques le fataliste et son maître) — филозофски роман од францускиот писател Дени Дидро. Романот бил пишуван во периодот 1765-1780, но првото издание на француски јазик било посмртно објавено во 1796. Благодарение на писателот Јохан Волфганг фон Гете романот бил делумно преведен на германски во 1785, а од германски преведен на француски во 1793.

Фаталистот Жак
АвторДени Дидро
Изворен насловJacques le fataliste et son maître
ЗемјаФранција
Јазикфранцуски
Жанрфилозофски роман
Издадена
1796

Содржина уреди

Главна тема на книгата е односот помеѓу слугата Жак и неговиот господар, кој никогаш не е именуван. Двајцата патуваат на одредиште кое раскажувачот не го открива, и за да ја отфрли здодевноста на патувањето Жак е принуден од страна на својот господар да раскажува приказни за своите љубовни врски. Сепак, приказните на Жак се постојано прекинувани од страна на другите ликови и од различни комични случки. Другите ликови во книгата ја раскажуваат нивната сопствена приказни и тие, исто така, постојано се прекинувани. Постои дури и „читателот“, кој повремено го прекинува раскажувачот со прашања, забелешки и барања за повеќе информации или детали. Приказните се обично хумористични, со романтика или секс како предмет на разговор, и имаат комплексни ликови кои се впуштаат во разни измами.

Главната филозофија на Жак е дека сето она што ни се случува овде, без разлика дали е добро или зло, е горе напишано (француски: tout ce qui nous arrive de bien et de mal ici-bas était écrit là-haut), на „голема ролна хартија“ која по малку се одвиткува. Сепак, Жак ги вреднува своите постапки, и не е пасивен лик. Критичарите како Ј. Роберт Лој го карактеризираат размислувањето на Жак не како фатализам туку како детерминизам.[1]

Книгата е полна со контрадикторни ликови и други двојби. Една приказна кажува за двајца мажи во армијата кои се толку слични, така што, иако се најдобри пријатели, тие не можат да не се предизвикаат на двобој и постојано да се повредуваат. Друга нелогичност има кај отецот Хадсон, интелигентен и ефикасен реформатор на црквата, но чиј приватен живот го прави најразвратен лик во книгата. Дури и Жак и неговиот господар ги менуваат нивните почетни улоги, како Жак дрско објаснил, дека неговиот господар не може да живее без него, и затоа Жак е господарот, а господарот е слуга.

Љубовните приказни на Жак се директно инспирирани од романот Тристрам Шенди, што Дидро не го крие, а раскажувачот на крајот од романот најавува внесување на цел пасус од Тристрам Шенди во приказната. Во текот на книгата, раскажувачот се подбива со сентименталните романи и го свртува вниманието кон начините како настаните да се развијат пореално. На други места, раскажувачот се уморува од досадното раскажување и сака читателот да праша за појаснување или одредени детали.

Критички осврт уреди

Книгата наишла и на позитивни и на негативни реакции во стручната јавност. Француските критичари на крајот на XVIII и почетокот на XIX век го оцениле делото како мешавина на Франсоа Рабле и Лоренс Стерн, како и дека има многу непотребни вулгарности. Делото оставило добар впечаток на германските романтичари, кои имале можност да го прочитате пред нивните француски колеги. Фридрих Шилер имал високо мислење за романот и потоа го препорачал да Гете, на кој исто така му се допаднал. Фридрих Шлегел дал позитивна рецензија во неговите критички осврти, во фрагментот Атенаум (201). Романот придонел за конципирање на идеалот за хумор на Шлегел. Стендал, препознал пропусти во ликот на Жак, но сепак го сметал романот за солидно остварување. Во XX век, критичарите како Лео Шпицер и Џ. Роберт Лој имале тенденција да го толкуваат Жак во традицијата на Сервантес и Рабле, каде фокусот бил на почитување на различното мислење, а не на пронаоѓање јасни одговори на филозофските проблеми.

Наводи уреди

  1. Loy, J. Robert (1950). Diderot's Determined Fatalist. New York: King's Crown Press.

Надворешни врски уреди

 
Викиизвор
Викиизворот на француски има изворна содржина поврзана со оваа статија: