Фагоката станковиќи
Фагоката станковиќи (Phagocata stankovici) е ендемичен вид од Планарии (Turbellaria) во Охридско Езеро.[1]
Опис
уредиФагоката станковиќи за првпат бил евидентиран како нов вид од Reisinger во 1960 година. Станува збор за непигментиран организам со мали диманзии : 3-4 мм во должина и 0,8-1 мм во ширина. Челниот раб од главата е заоблен. Меѓутоа, при движење, т.е. испитување на средината, средниот дел од главата образува кон напред една блага тапоаголна проекција. Очите се забележително крупни и поставени блиску едно до друго.
Бочните рабови од телото, после вратното стеснување (слабо забележливо, но сепак присутно) дивергираат до почетокот на третата третина од телото, а потоа се насочуваат кон формирање на заострен заден дел.
Усниот отвор е сместен во средишниот дел од стомачната страна. Голтката е цилиндрична и нејзината внатрешна мускулатура е изградена од два одделни слоја : слој на кружни и слој на надолжни мускулни влакна (својствено за претставниците на фамилијата Planaridae ). Голтката води во троградно црево. Предната цревна гранка носи 4-5 пара евагинации, и, што е карактеристично за овој вид, таа минува помеѓу очите, завршувајќи најчесто над нив. Оваа морфолошка одлика овозможува Phagocata stankovici многу лесно да се разликува од P.ochridana. Тие многу не се разликуваат по својот репродуктивен апарат. Анализата на половиот апарат од двата вида покажала дека не постои разлика која би упатила на заклучок дека станува збор за два одделни вида.[1]
Живеалиште и распространетост
уредиФагоката станковиќи е жител на литоралниот (198 инд./м²), сублиторалниот (280 инд./м²) т.е. до 65 метри длабочина од профундалниот (16 инд./м²) регион од Охридското Езеро и изворите во близина на Хидробиолошкиот завод (204 инд./м²), Св.Наум (224 инд./м²) и Шум (172 инд./м²). Овие параметри биле средни годишни вредности за густина на популацијата во соодветниот регион од сите истражувани локалитети т.е. биотопи.[1]
Хоризонтална и вертикална дистрибуција
уредиВертикалната дистрибуција на овој вид во сите истражувани локалитети започнува од 1 до 2 метри длабочина и скоро со иста густина на популацијата (179-188 инд./м²). Максималната густина на популацијата (310-311 инд./м²) е во појасот од 40 до 45 метри длабочина. Тоа значи дека по однос на фициесот на дното, најголема густина на популацијата се јавува таму каде што подлогата, повеќе или помалку, е постелена со корубите од школката Dreissena и полжави. но сепак, овој вид не ги одбегнува ни каменливите ни песокливо-тињестите подлоги. Според неговото батиметриско распостранување (од 1 до 65 метри) може да се рече дека станува збор за стенобатна форма. по однос на температурата овој вид се јавува како еуритермен организам.[1]