„Убавата бељаџика“ (француски: La Belle Noiseuse) – филм на режисерот Жак Ривет (Jacques Rivette) од 1991 година. Автори на сценариото се Ривет, Паскал Боницер (Pascal Bonitzer) и Кристин Лоран (Christine Laurent,), а главните улоги ги играат: Мишел Пиколи (Michel Piccoli), Џејн Биркин (Jane Birkin), Емануел Беар (Emmanuelle Béart), Маријан Деникур (Marianne Denicourt), Давид Бурстајн (David Bursztein), Жил Арбона (Gilles Arbona), а во филмот се користи раката на сликарот Бернар Дуфур (Bernard Dufour). Овој четиричасовен филм е инспириран од Балзаковиот расказ „Непознато ремек-дело“, а во него се работи за тајната на уметничкото творење и за стремежот кон совршенството. На Канскиот филмски фестивал, филмот ја освоил наградата на Екуменското жири.[1]

Синопсис

уреди

Порбус (го игра Арбона) е долгогодишен пријател на славниот сликар Френхофер (го игра Пиколи), кој со сопругата (ја игра Биркин) живее повлечено на својот имот во внатрешноста на Франција. Еден ден, Порбус го посетува Френхофер во придружба на младиот сликар Никола (го игра Бурстејн) и неговата млада жена Маријан (ја игра Беар). Френхофер им кажува дека не слика веќе десет години, од моментот кога не успеал да ја заврши сликата која требало да биде круна на неговата кариера, а за која му позирала Лиза. Порбус го убедува повторно да се обиде да ја доврши сликата, но сега со Маријан како модел. Во текот на петте дена во кои Френхофер работи на сликата целосно се менуваат животите и меѓусебните односи на сите ликови...

Наводи

уреди