Томче Грнчаровски
Томче Грнчаровски е роден во Тетово, 17 октомври 1923, а починал во Скопје, 6 јули 1960) – оперски певец, тенор. Пеење учел кај Н. Кунели во Скопје и во Загреб. Тој е учесник во НОБ. Во 1947 г. станува член на Операта на МНТ, како еден од нејзините основачи. Дебитира во 1948 г. како Бепо во операта „Палјачи“. Поради болест, во 1955 се повлекува од јавниот музички живот. Во својата кратка оперска кариера од 1948 до 1952, под уметничкото раководство на диригентската палка на Ловро Матачиќ и диригентите Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев, остварил повеќе главни улоги: Алфред Жермон (Травијата), Белмонте (Грабнување од Сарајот), Војводата од Мантова (Риголето), Пинкертон (Мадам Батерфлај), Родолфо (Боеми), Тамино (Волшебната флејта), Ловро (Никола шубиќ – Зрински). Бил извонредно музикален, а поседувал пријатен и топол лирски глас, податливо мек и распеан.