Томислав Кежаровски

македонски новинар

Томислав Кежаровски (роден во 1965 во Ореше, Велешко) e македoнски новинар вработен во Нова Македонија. Тој бил осуден на 4 и пол годишна затворска казна за наводно оддавање идентитет на заштитен сведок.[1] На ослободување на Кежаровски од притвор, но и на преиспитување на пресудата повикаа повеќе домашни и странски невладини организации, како и ОБСЕ.[2]

Томислав Кежаровски се товари дека во новинарски текст од 2008 година го открил идентитетот на заштитен сведок во случајот „Ореше“, судски процес за убиство на велешанецот Лазо Милошевски. Неговите колеги тврдат дека нема кривично дело, затоа што сведокот воопшто не бил заштитен во моментот кога е објавен текстот, а сведокот подоцна изјавил дека од полициски структури бил принуден лажно да сведочи.

Cлучајот „Ликвидација“

уреди

Новинарите на протест пред судот во Скопје побараа ослободување од притвор на нивниот колега.[3] Кежаровски штрајкувал со глад, информација потврдена од неговата сопруга Марина. Кежаровски речиси два месеци бил во притвор поради наводно објавување на име на заштитен сведок. Неговите колеги и невладините организации бараат фер судење а народниот правобранител утврдил дека на притворениот му се ускратува правото на излез на свеж воздух и на платен дневен печат.[4] Kривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 ја укина мерката притвор против обвинетиот Томислав Кежаровски. Според соопштението од судот, мерката домашен притвор ќе биде во траење од 30 дена, до правосилноста на пресудата.[5]

Апелациониот суд Скопје го осуди Кежаровски и ја намали казната на две години затвор. Тој бил во притвор веќе една година и девет месеци. Апелација ги намали казните и на петмина други осудени во случајот „Ликвидација“.[6] На 16 јануари, Кежаровски по итна постапка беше префрлен на издржување затворска казна во затворот во Шутка, нецел ден по објавување на второстепената одлука.[7] Пред истражниот затвор протестирале новинари кои му изразиле поддршка. Еден ден откако Апелациониот суд ја соопшти пресудата дека му ја намалува затворската казна од 4,5 години на 2 години, полицијата дошла во домот на Кежаровски кој таму го издржуваше домашниот притвор и го пренесе во затворот во Шутка. На Кежаровски му останале уште три месеци и десет дена за одлежување на казната.

Со листови во рацете на кои на повеќе јазици беше испишано „И јас сум Кежаровски“, новинарите се собраа пред Апелациониот суд на 20 јануари да го изразат незадоволството од одлуката новинарот да биде осуден на две години затвор.[8] Од министерството за правда велат дека до нив не е стигната никаква иницијатива или барање за да постапуваат по случајот со Кежаровски. Министерот за правда Аднан Јашари ќе почека прво Кежаровски да поднесе иницијатива за да ги разгледа можностите дали и како ќе постапи. ЗНМ, по експресното приведување на Кежаровски, повика минстерот да покрене постапка за ослободување, додека претседателот Ѓорѓе Иванов веднаш да го прифати предлогот на министерот. За сега ниту Јашари, ниту Иванов покажуваат интерес за случајот.[9]

Kритикa

уреди

Новинарските здруженија сметаат дека Кежаровски е невин и бараат ослободителна пресуда. Апелациониот суд му ја намали казната на две години, скоро во висина на досега одлежаниот притвор. Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, рече дека единствената правилна одлука на судот ќе беше ослободителна пресуда за Кежаровски, а не намалување на казната: „Со оваа неправична одлука, Судот, наместо да дели правда, реши да направи политички пресметки место при одлучување да води сметка за правата еден невин новинар, кој не направи ништо лошо туку откри злоупотреба во работата на јавните институции. Кежаровски објави информација дека моќните и од позиција на моќ ја злоупотребуваат својата позиција да фалсификуваат изјава на лажен сведок. Со осудата за Кежаровски е осудено целото новинарство.“[10] „Оваа одлука е вистински срам земја-кандидат за членство во Европската Унија“, изјавил директорот на Репортери без граници во Германија, Кристијан Мир.[11]

Cпоред СДСМ, „партизираното судство, преку одлуката на Апелацискиот суд Скопје за случајот Кежаровски, направи уште една повреда на човекови права и уште еден сериозен удар врз уставно загарантираното право на слобода на изразување. Изрекувањето вакви пресуди, против новинар, посебно во услови на контроверзни докази и сведоци, нанесуваат сериозени последици врз слободата на изразување и дополнително ја влошуваат сликата за Република Македонија, којашто токму поради ова, се најде во повеќе светски извештаи, за време на владеењето на Никола Груевски“. Слободата на медиумите забележува драматичен пад во Македонија. Според пласманот во индексот на „Репортерите без граници“ за слободата на медиумите во светот, Македонија од 34 место во 2009 паднала на 123-то во 2014.[12]

Наводи

уреди
  1. Кежаровски осуден на четири и пол години затвор[мртва врска], Novini.mk, 21.10.2013.
  2. Кежаровски во домашен притвор, Makdenes, 07.11.2013.
  3. Новинарски протест за ослободување на Кежаровски Објавено, Makdenes, 31.05.2013.
  4. Кежаровски почна штрајк со глад[мртва врска], Nova Makedonija, 23.7.2013.
  5. Кежаровски пуштен во домашен притвор[мртва врска], Republika.mk, 7.11.2014.
  6. Апелација: Две години затвор за Кежаровски, Fokus.mk, 15.1. 2015.
  7. Новинарот Томислав Кежаровски вечерва издржуван e на затворска казна, Fokus.mk, 16.1.2015.
  8. Кежаровски спроведен во затворот во Шутка, Makdenes, 16.1.2015.
  9. Министерот за правда нема да покрене иницијатива за ослободување на Кежаровски?, Fokus.mk, 17.1.2015.
  10. Пресудата за Кежаровски е казна за сите новинари, 16.1.2015.
  11. RSF condemns the prison sentence for Macedonian journalist Tomislav Kezarovski Архивирано на 18 јануари 2015 г., RSF, 16.1.2015.
  12. Остри реакции на меѓународни асоцијации по осудата на македонскиот новинар, Voanews, 16.01.2015.