Темперамент

Темперамент

уреди

Темпераментот го означува начинот на емоционалното реагирање на една личност. Значи пред се, колку лесно, колку често, со кој интензитет и со кое траење се јавуваат емоциите кај човекот. Под начин на емоционално реагирање подразбираме не само емоции, туку и брзина, силина и траење на сите активности на поединецот. Затоа би било поточно ако кажеме дека темпераментот е карактеристичен начин на реагирање на единката на различни дразби и ситуации.

Видови на темперамент

уреди

Грчкиот лекар Хипократ сметал дека во организмот течат четири вида течности (жолчка, крв, црна жолчка, слуз), кои се мешаат и во зависност која течност преовладува во организмот таков темперамент ќе има човекот. Оваа претпоставка на Хипократ не е докажана, но имињата на темпераментите останале. Денеска се знае дека темпераментот зависи од дејствувањето на вегетативниот нервен систем, жлездите со внатрешно лачење и некои делови од ЦНС (централен нервен систем). Според Хипократ видовите темпераменти се:

  • колеричен (холеа - жолчка), овие лица реагираат брзо, силно, со долго траење на емоциите, на лицето им се гледа што чувствуваат (екстравертно) основна емоција им е лутина и раздразливост. Поради својата екстравертна природа тие се добри организатори, амбициозни, често сакаат да се „главни" со што ги свртуваат другите против себе,
  • сангвиничен (сангвис - крв) реагираат брзо со слаби реакции кои траат кратко, екстравертно, основна емоција им е веселост и оптимизам. Активни се, се зафаќаат со многу активности, но не ги довршуваат, лесно воспоставуваат контакти со многу луѓе, но најчесто се површни,
  • меланхоличен (меланхоле - црна жолчка) реагираат многу бавно, но силно и долготрајно, на лицето не им се забележува што чувствуваат (интравертно), основна емоција им е тага и песимизам, настаните длабоко ги преживуваат, тешко воспоставуваат контакти, но кога ќе воспостават тие се вистински пријатели,
  • флегматичен (флегма - слуз) реагираат бавно со слаби реакции, кратко траење на емоциите, манифестацијата е интравертна и основната емоција им е рамнодушност. Овие лица делуваат спокојно и сталожено.

Со оглед дека темпераментот се наследува и има неврофизиолошка основа, вакви чисти типови темпераменти во природата нема. Луѓето се најчесто со мешан тип. Освен што се наследува темпераментот може и да се контролира и „воспитува―. На пр. избувливите луѓе научуваат „да избројат до десет―, мирните да ги интензивираат своите чувства и сл. Контролата врз своите чувства и емоциналната рамнотежа се значајни за човековото однесување. Исто така празнењето од емотивна напнатост е важен услов за сочувување на здравјето.

Карактер

уреди

Зборот карактер во психологијата се употребува со повеќе различни значења:

  • понекогаш се изедначуваат поимот личност и карактер,
  • со зборот карактер се означува збир на сите психички црти на некоја личност,
  • со зборот карактер се означуваат најбитните црти на личноста кои даваат печат на целокупното нејзино однесување,
  • често со зборот карактер се означуваат волевите особини на човекот,
  • под карактерни особини се подразбираат такви особини кои покажуваат карактеристично однесување на поединецот, земајќи ги во обзир моралните принципи и сфаќања во одредено општество,

Карактерот претставува сложена психичка организација од најразлични психички процеси, состојби и особини што се одразуваат во однесувањето на личноста.

Карактерот го претставува психичкото јадро на личноста. Во врска со овие сфаќања се разликуваат и различни видови на карактери. Па така, се зборува за добар и лош карактер и цврст и слаб карактер. Добар карактер би имал човeкот кој се одликува со морални особини, а лош кој не поседува такви особини. Цврст карактер би имал оној кој покрај моралните особини поседува енергичност и упорност во однесувањето, а слаб карактер оној човек кој поседува морални особини, но не е одлучен да ги примени. Карактерните особини на човекот можат да се групираат на следниов начин: оние што го одразуваат неговиот однос кон работата, оние што го одразуваат неговиот однос кон другите луѓе, оние кои го одразуваат неговиот однос кон себе и оние што го одразуваат неговиот однос кон жнвотната н работната средина.

  • Според својот однос кон работата човекот може да биде: активен, трудољубив, мрзелив, исполнителен, негрижлив, иницијативен, дисциплиниран, одговорен, креативен, бирократизиран итн,
  • Според својот однос кон другите луѓе човекот може да биде: отворен, искрен, воздржлив, груб, алтруист, егоист, мирољубив, неискрен, агресивен итн. Тој може да биде ориентиран кон други луѓе (соработка), од други луѓе (бегство) и против други луѓе,
  • Според својот однос кон себе човекот може да биде: чесен, скромен, горд, самокритичен, достоинствен, едноставен, самодисциплиниран, самоуверен, сигурен, вообразен, нечесен итн.,
  • Според својот однос кон животната и работната средина човекот може да биде: одговорен, дисциплиниран, внимателен, загрижен за јавниот ред и мир, хигиената на јавните места, не само за личниот туку и за општествениот имот, за општествените средства за производство со кои работи итн.